Веќе 9 месеци предметот за „27 април“ „патува“ до Врховниот суд

by fokus

Додека јавноста очекува информација дали пресудата за „27 април“ ќе биде потврдена или укината од Врховниот суд, „Фокус“ дознава дека Барањето за вонредно преиспитување се уште не стигнало на оваа адреса, иако било пратено уште пред речиси 9 месеци. Поточно, Барањето за вонредно преиспитување на пресудата адвокатите го испратиле во август минатата година, но тоа се уште не стигнало во Врховен.

Откако од судот не известија дека ваков предмет воопшто не е примен, побаравме одговор од Кривичниот суд. Оттаму појаснуваат дека не е завршена постапката за одредување на трошоците на адвокатите на обвинетите кои беа ослободени, поради што предметот е сѐ уште кај нив.

-Согласно проверките за конкретниот предмет, Ве известуваме дека се работи за обемен и сложен предмет, во кој како што знаете, 12 од обвинетите во текот на постапката беа ослобедни од вина согласно Законот за амнестија, а со првостeпената пресуда беше ослобoден уште еден од обвинетите.

По враќање на предметот од Второстепениот суд на понатамошно постапување во Основниот кривичен суд – Скопје веднаш е започната доставата на правосилната пресуда по која одбраната на ослободените лица има право на побарување трошоци. Согласно Законските одредби судот изготвува решенија за трошоци кои се подлежни на низа проверки, а кое изготвување е во завршна фаза, ни одговорија од Кривичниот суд.

Оттаму додаваат дека судот во најкус можен рок ќе го испрати предметот во Врховниот суд.

-Иако не се предвидени Законски рокови, заради економичност на постапката и доследно почитување на правата на странките кои имаат побарано вонредно преиспитување на пресудата, судот во најкус можен рок штом ќе ги изготви и верифицира решенијта за трошоци, предметот ќе го достави на надлежно постапување пред Врховниот суд на РСМ, за што јавноста и странките ќе бидат благовремено информирани, велат од судот.

Врховниот суд може да ја потврди пресудата, да ја укине и да го врати случајот од почеток, или да ја преиначи правосилната пресуда.

Судскиот процес за 27 април беше е еден од најголемите во поновата македонска историја. На почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа извршители на упадот во парламентот и на нападите врз пратениците на актуелната власт, но по донесувањето на Законот за амнестија во 2018 година беа помилувани 15 лица.

Амнестијата ги опфати тогашните петтемина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски. Амнестирани беа и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен и Владо Јовановски. Игор Дурловски, кој беше во оваа група, воопшто и не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда која ја потврди и Апелацискиот суд. Со амнестијата се спасија и браќата Стефан и Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.

Апелацискиот суд им ги потврди пресудите на осудените од првостепениот суд, но им ги намали затворските казни за една до две години. Вкупно за 16 осудени доделени се 188 години затвор, при што на ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, му се намали казната од 18 на 16 години затвор. Обвинетите Влатко Трајковски и Никола Митревски – Кољо се осудени на казна затвор во траење од по 14 години, обвинетите Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски – Леви, Мунир Пепиќ, Јане Ченто и Вилијам Михајловски на 13 години, Оливер Поповски, Младен Додевски, Горанче Анѓеловски и Игор Југ на 11 години, Оливер Радулов на казна затвор во траење од девет години, Александар Василевски Нинџа на седум години и обвинетиот Абдуљифета Алими беше осуден на казна затвор во траење од шест години.

Валентина Вурмо

Поврзани новости