Веќе 12 години го нема Ангел, киднаперите излегоа од затвор и се преселија во Словенија

by fokus

Веќе 12 години, Ангел Стојанов од Велес не е ниту меѓу живите, ниту меѓу мртвите. Беше претепан и киднапиран, по што му се изгуби секаква трага. Се открија киднаперите, но не се докажа убиство бидејќи Ангел како буквално да пропадна во земја. А, според законите, ако нема мртво тело, не може ниту да се одговара за убиство.

Ангел исчезна на 7 март 2012 година, на возраст од 25 години, а зад себе остави две мали деца, кои денеска се веќе тинејџери.
Полициската истрага, а подоцна и судот, тогаш утврди дека тој бил начекан на велешкиот пазар од соседите, татко и син, Перо и Борис Нацеви, кои го претепале, го ставиле во багажникот на нивниот автомобил и го оставиле покрај реката Бабуна, на оддалеченост од околу 13 километри. Оттогаш Ангел го нема, а синот и таткото завршија во затворот „Идризово“.

Тие беа осудени на казна затвор од по 9 години, за киднапирање. Обвинителството не ги гонеше за убиство, бидејќи никогаш не беше најдено телото.

Осудените соседи пред неколку години излегоа од затвор, по што се преселиле и заминале да живеат во Словенија. Ангел пак се уште се води за исчезнат бидејќи никогаш не бил најден.

-Не проверија ниту на камери, ниту ништо, разочарано вели неговиот татко за ,,Фокус”.

Тој уште на почетокот се сомневаше дека Ангел е убиен и закопан, па самиот копал дупки за да го најде.

Она што е заедничко за овие две семејства, е тоа што ниту едното, ниту другото, не беа задоволни од разрешницата на случајот. Стојанови бараа доживотен затвор за обвинетите татко и син, но и признание за тоа каде е телото на нивниот единец, за да можат барем да му направат достојно почивалиште. Нацеви, пак, се жалеа дека изречените деветгодишни казни затвор се превисоки за киднапирање и бараа слобода. Тие обвинуваа дека најголемата вина е кај институциите, бидејќи со години не реагирале и покрај многубројните пријави против Ангел од нивната ќерка за вознемирување.

Валентина Вурмо

Поврзани новости