Веи: Бараме од американската страна да престане да ја клевети и да ја кочи Кина

by Fokus

Кинескиот министер за одбрана Веи Фенге денеска изјави дека САД треба да ги подобрат билатералните односи, бидејќи нивниот заеднички однос е на клучен крстопат.

На азискиот безбедносен самит во Сингапур министерот неколку пати повтори дека Кина бара само мир и стабилност и не е агресор, па затоа ги повика САД „да ја зајакнат солидарноста и да се спротивстават на конфликтите и поделбите“.

Министерот Веи кажа дека Кина во говорот на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин од вчера решително ги отфрлила „американските богохулства, обвинувања, па дури и закани“.

-Бараме од американската страна да престане да ја клевети и да ја кочи Кина. Престанете да се мешате во внатрешните работи на Кина. Билатералните односи не можат да се подобрат доколку американската страна не ги подобри, рече Веи.

Остин вчера кажа дека има „алармантно“ зголемување на бројот на небезбедни и непрофесионални средби меѓу кинеските авиони и пловните објекти на други земји. Тој додаде дека САД ќе застанат на страната на своите сојузници, вклучително и Тајван.

Руската инвазија врз Украина го зазеде централното место, а Веи нагласи дека Кина ги поддржува мировните преговори и се противи на „обезбедувањето оружје под максимален притисок“.

-Која е основната причина за оваа криза? Кој е главниот актер зад ова? Кој губи најмногу? И кој ќе добие најмногу? Кој промовира мир и кој долева масло на огнот? Мислам дека сите го знаеме одговори на овие прашања, рече Веи, не осврнувајќи се на ниту еден одговор од реторички поставените прашања и не изнесувајќи ја кинеската позиција.

Зборувајќи за Тајван, Веи рече дека позицијата на Кина на островот, кој Пекинг го смета за провинција, не е променет. Тој рече дека кинеската Влада бара „мирно обединување“ со Тајван, но задржува и „други опции“.

-Кина дефинитивно ќе го реализира своето повторно обединување. Оние кои се стремат кон независност на Тајван во обид да ја поделат Кина дефинитивно нема да завршат добро, рече Веи.

Поврзани новости