Вечерва ќе се одржи првото полуфинале на музичката манифестација Евросонг во Тел Авив, Израел.
На 64-то издание на настанот свој настап ќе имаат претставници од 17 земји, и тоа Кипар, Црна Гора, Финска, Полска, Словенија, Чешка, Унгарија, Белорусија, Србија, Белгија, Грузија, Австралија, Исланд, Естонија, Португалија, Грција и Сан Марино.
Нашата претставничка Тамара Тодевска ќе настапи на втората полуфинална вечер, на 16-ти мај, седумнаесетта, односно претпоследна по ред.
Истата, втора полуфинална вечер, свои настапи ќе имаат и претставниците на Ерменија, Ирска, Молдавија, Швајцарија, Латвија, Романија, Данска, Шведска, Австрија, Хрватска, Малта, Литванија, Русија, Албанија, Норвешка, Холандија и Азербејџан.
Финалето ќе се случува на 18-ти мај, а специјална гостинка ќе биде поп ѕвездата Мадона, која за настапот добила хонорар од над еден милион евра.
ЕБУ официјално потврди дека Тамара ќе настапи под името Северна Македонија на претстојниот Евросонг. Од таму известија дека на сите места, како што е делот со информацијата за Македонската телевизија, на пример, досегашната референца „ПЈР Македонија“ ќе биде заменета со Северна Македонија.
Вики Клинчарова