Вечерва, Францускиот институт во Скопје во соработка со Националната галерија на Мекедонија, објект „Мала станица“, во 20 часот, ќе ја отвори изложбата на портрети на францускиот фотограф со светска слава, Феликс Надар (1820-1910), со наслов „Славните портрети на Надар“, која македонската публика ќе има можност да ја види до 27 јануари 2019 година.
Оваа репродукција од 40-ина најдобри портрети ја овозможи престижниот музеј Jeu de Paume, поддржана од компанијата „Зегин“, која е општествено најодговорна на овие простори и која секогаш се грижи на македонските љубители на уметноста да им ги доближи светските случувања од културата и уметноста. Ова не е прва соработка со Францускиот институт и тука не застануваме, нашата поддршка и соработка ќе ја прошириме уште повеќе.
Гаспар-Феликс Турнашон, познат под псевдонимот Надар, е роден во Париз на 6 април 1820 година. Работел како фотограф, карикатурист, новинар и писател. Ги претставува и ги воведува жанровските аерофотографија и портрет. Сакал да ги фотографира оние што лично ги познава. Во неговата архива се фотографиите на речиси сите познати артисти, актери, музичари и танчари на своето време. Бил нарекуван и фотограф на ѕвездите. Меѓу портретите се и оние на Сара Бернар, Александар Дима, Клод Дебиси, Шарл Бодлер, Жорж Санд, Жак Офенбах, Емил Зола, Жил Верн, и уште десетина големи имиња од крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Неговиот карактер го отсликуваат бунтовност и храброст, со чисто изразени социјални идеи, фотограф што се спротивставил на општото јавно мислење развивајќи ги своите лични идеи и вкусови. Ќе биде запаметен како првиот човек што направил фотографија од воздух.