Доцна вечерва Владата го испрати Предлогот за пристапување кон промена на Уставот со цел внесување на Бугарите и останатите делови од народи во Преамбулата до Собранието, информираа од Владата за „Фокус“.
Интервенциите се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во нашата држава. Односно, во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ.
Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.
Како дел од предлогот е и образожението во кое се објаснува потребата од носење на овие уставни измени, односно дека Република Северна Македонија во согласност со својата стратешка определба за полноправно членство во Европската Унија е решена да ги спроведе обврските преземени во рамките на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија што започнаа со одржувањето на првата Меѓувладина конференција, одржана на 19.7.2022.
-Овој Предлог за измена и дополнување на Уставот, Владата го предлага поаѓајќи и од уставното начело дека граѓаните на Републиката мора да ја негуваат одговорноста спрема сегашноста и иднината и дека се свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби за создавање на самостојна и суверена држава Македонија, како и дека се одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на се што е вредно од богатото културно наследство и на се што е определено како специфична уставна вредност од Илинденското востание во 1903 година преку Народноослободителната борба од 1941 година до 1944 година заклучно со формирањето на современата независна и суверена македонска држава во 1991 година, стои во делот за образложение.
Катерина Смилева Божиновска