Скопје за Балашевиќ е насловен настанот кој е најавен за денес, со почеток во 19 часот пред Универзална сала, со кој ќе му се оддаде последна почит на кантавторот кој вчера почина од последици на корона вирус.
-Скопје тагува за големата легенда Ѓорѓе Балашевиќ кој зад себе остави бројни стихови кои засекогаш ќе останат во сеќавањата на многу генерации и ќе живеат вечно.
Скопје за Балашевиќ, денес со старт во 19 часот пред неговата Универзална сала, да се собереме и да оддадеме последна почит за нашата незаборавна легенда.
За време на оддавањето почит, заедно да ги почитуваме протоколите за заштита од вирусот – пишува во објавата на старницата на Универзлана сала.
Во повеќе градови ширум поранешна Југославија синоќа голем број на граѓани излегоа на плоштадите, се пуштаа песните на Балашевиќ и се палеа свеќи во негова чест.
Неговиот последен концерт во Скопје, во ВИП Арена се одржа на 19-ти мај 2018 година. Концертот беше дел од турнејата ,,Баронов бал”, а Балашевиќ ја распеа публиката, со топлите и носталгични песни.
На бината, тој се обрати со зборовите – Ако сакате викајте се и Нова Каледонија, јас пак сум ваш земјак, вие сте мои земјаци. Добровечер Македонија!
Концертот беше по повод неговиот јубилеј, 40 години на сцената, а на публиката во Скопје тој тогаш и откри дека ако не дочека 50 години јубилеј, им остава аманет на најмладите членови на тамбурашкиот состав кој го придружуваше, да дојдат и да ги пеат неговите стихови.
Вики Клинчарова