Академскиот хор „Мирче Ацев“ вечерва во Католичка црква ќе одржи годишен концерт. Хористите веќе неколку месеци работеа на композициите за овој настан, а диригентката Јасмина Ѓорѓеска верува во добар и успешен настап.
„Концертот е посветен на божиќните празници што следат па затоа е и од духовен карактер, а како место на изведба е Католичка црква. Како посебно дело би ја издвоила „Миса Криола“, која ќе биде изведена во соработка со инструменталисти, кои го сочинуваат оркестарот, како и тенор солист. Самото дело е интересно и нестандардно, со користење на фолклорни аргентински елементи и народен текст. Специфичната ритмика никого не остава рамнодушен, па затоа се надевам дека публиката ќе ужива, како и ние самите учесници што сме на подиумот“, ни изјави Ѓорѓеска.
Освен „Миса Криола“, хористите ќе изведуваат композиции од Рахмањинов, Моцарт, Шронен, Росини, а почетокот на концертот е закажан за 20 часот.
Јорданчо Цветаноски