Вечерва во Ливерпул ќе се одржи финалето на 67-то издание на Евровизија, под мотото ,,Обединети од музика”.
Настанот ќе започне со настапот на Австрија, а учествуваат 26 земји. Од регионот, Србија настапува 5-та, Албанија 10-та, а Хрватска 25-та по ред. Македонија, како и Бугарија и Црна Гора нема да учествува поради економската криза и големите трошоци за учество.
Според последните резултати во обложувалниците, фаворит е Шведска и претставничката Лорин, со дури 52 проценти шанси за победа. Таа беше евровизиска победничка и во 2012 година.
Зад Шведска, со 22 проценти шанси за победа е Финска, а потоа со шест проценти следува Украина.
Минатата година на Евровизија победи Украина, но поради војната не беше во можност да биде организатор, па место неа домаќин е Ливерпул, односно Велика Британија.
Билетите за манифестацијата се продаваа по цени од 33 до 430 евра. ВИП влезниците пак, по цена од 4.260 евра вклучуваат шампањско, шведска маса и добар поглед на бината.
МРТ1 ќе врши директен пренос на финалето на Евровизија со почеток од 21 часот.
Вики Клинчарова