Вечер со почеток од 21:30 часот, во Скопје ќе се одржи Евровизиска забава во чест на годинашната претставничка Тамара Тодевска. Настанот кој ќе се оддржи во Нано Бар, во Дебар Маало, е од отворен карактер.
Гостите ќе имаат можност да уживаат во победничките песни на Евровизија, но и во песните со кои наши претставници во минатото настапија на популарната музичка манифестација. За музичкиот избор е задолжена диџеј Тина. Тамара, која е во Тел Авив, преку видео ќе им се одбрати на присутните на забавата.
Инаку, таа ќе настапи на 16-ти мај, на втората полуфинална вечер со песната ,,Proud”. Финалето ќе се одржи на 18-ти мај. Музиката за моќната балада е дело на Роберт Билбилов, Лазар Цветковски и Дарко Димитров, а текстот е на Коста Петров и неговата сопруга Сања Поповска.
Тамара и нашата делегација веќе неколку дена се во Тел Авив, а првата тонска проба во Експо центарот помина со низа на позитивни критики од љубителите на Евровизија, кои на социјалните мрежи и ја дадоа поддршката на Тодевска.
Годинашниот евровизиски тим на МРТ го сочинуваат одговорниот уредник на МТВ 1, Анета Андонова, уредникот на Културно-уметничката програма на МТВ1, Мери Попова, уредникот на Културно-уметничката програма на МТВ 2, Авни Ќаили и уредникот на Културната програма на МРА 1, Тони Цифровски.
ЕБУ официјално потврди дека македонската претставничка Тамара Тодевска ќе настапи под името Северна Македонија на претстојниот Евросонг.
Вики Клинчарова