Вечер кога сите навиваме за Дарко и Илија!

by fokus
Пишува: Атанас Костовски
Нешто како онаа култна утринска емисија на Македонското радио Радио Скопје „Деновиве пред години“. Да, денес е последна среда од петтиот месец во годината, фудбалски веќе децениски е резервирана за еден од финалните натпревари на Европските фудбалски купови. На одалеченост од 9.000 километри од својот Лондон, вечерва од 21 часот на стадионот во Баку, Челзи и Арсенал ќе се борат за пехарот во УЕФА Лигата на Европа.
Моите симпатии се на страната на Арсенал, конечно во неговата експедиција е и нашата голманска надеж Дејан Илиев. Најверојатно како трет голман, но таму е во друштво на Чех,Езил и Обамејанг, кои заедно со Канте, Жиру и Азар од екипата на Челзи, верувам, ќе ни подарат квалитетна фудбалска ноќ. Да, секогаш е попривлечно за гледање и навивање ако во редовите на финалистите има и “наша крв“. Баш таков беше овој ден пред 28 години. Повозрасните се сеќаваат, за помладите еве едно кусо потсетување од лице место на триумфот.
Во таа натпреварувачка 1990/91 година, во југословенската федерација со сите симптоми на распаѓање, на европските терени “палеа и гасеа“ фудбалерите на белградска Црвена Звезда, По полуфиналната елиминација на фаворизираниот минхенски Баерен (во Минхен победа од 2:1, во Белград драматични 2:2), беше комплетирана финалната двојка за Бари- на 29 мај- ќе игаат шампионите на Југославиоја и на Франција, Црвена Звезда и Олимпик Марсеј.
За момент дел од југословенските народи и народности заборавија на проблемите што политичарите ги најуваа а новинарите на широко ги пренесуваа, сите во мај го очекува успех на југословенскиот поправен испит во финалето на Купот на европските шампиони. Претходно 1966 година во Брисел силниот Партизан предводен од Васовиќ и Шошкиќ беше поразен со Мадридските кралеви со 2:1…
Тандемот “звездаши“Драган Џајиќ- Владимир Цветковиќ, истакнати југословенски фудбалски и кошаркарски репрезентативци заедно со тренерот Љупко Петровиќ компонираа “федерален тим“ од Срби ( Стојановиќ, Маровиќ,Југовиќ, Михајловиќ, Биниќ) ,Македонци (Најдоски, Панчев), Хрвати (Просинечки), Црногорци (Савичевиќ), Босанци (Шабанаџовиќ) и странец со српски корени Белодедиќ (Романија). Црвена Звезда за нас во Македонија по Вардар беше втората клупска фудбалска љубов.
Можеби и поради Славко Дацевски, Владо Николовски и Кирил Дојчиновски кои со успех го носеа звездиниот дрес, или во овој 29 мај од 1991 година поради гранитниот Илија и ефикасниот Дарко. За тие симпатии придонесе и големиот фудбалски дипломат и афирмиран стручнак Миљан Миљаниќ кој никогаш не заборави дека Битола му е роден град и секогаш, кога ќе го поминеше Табановце, зборуваше на македонски јазик. И, серазбира, поради штипјанецот Драгослав Шекуларац, најголемиот фудбалски виртуоз роден на Балканскиот полуостров… Ете поради таа и таква Црвена Звезда, стотиици македонски семејства неколку месеци во пролетта 1991 имаа барем еден задолжителен оброк со паштетите на “Срем“.
Наградната игра што ја организира компанијата на врвниот ракометен судија Марјан Начевски имаше 50 тина главни награди- присуство на финалниот натпревар Црвена Звезда-Олимпик на 29 мај 1991 година во Бар! Маркетинг службата на МТВ (тогаш во куќата се гледаше на секој динар) обезбеди едно место меѓу патниците, и еве ме мене меѓу фудбалските среќници кои на лице место можеби ќе се радуваат заедно со првите македонски фудбалери со пехарот на Куот на европските шампиопни. Разбирливо, јас патував да гледам, но и да работам, па добив едно од првите места во автобусот. Но, според атмоаферата во ова долго патување до Бари, сите беа задоволни во портокаливиот автобус “Санос“ произведен во скопскиот “11 Октомври“.
Во Бари, во сите крајморските кафиќи се слушаше гласот на колегата Милојко Пантиќ од последниот полуфинален натпревар Црвена Звезда-Баерн Минхен. Ќе бид така сигурно и утревечер… Во фериботот “Свети Стефан“ долго во ноќта муабевтеме со фудбалскиот судија Стојан Илиевски и вардарецот Дуле Бонисења кој на ова патување го поведе и својот син, идниот вардаров фудбалер Зоран Михајловски. Имаа разбирање за моите утрешни обврски, ми дозволија да се испружам неколку часови во една четирикреветна кабина .. На спротивната страна на Бар, се разденуваше во Бари кога пристигна “македонската поддршка“ на Дарко и Илија во нивниот последен чекор кон Европскиот клупски врв… Се е познато, Илија го “попапа“ голгетерот Жан Пјер Папен, познатиот голгетер , по заслуга на Најдоски, не се виде на тревата на стадионот “Свети Никола“ во Бари, а Дарко пак со реализацијата на петтиот пенал , неодбранливо речиси по средината на голот на Паскал Олмета, ја донесе неизмерната фудбалска радост на сите простори од Триглав до Гевгелија….На моментот на најголемиот југословенски клупски успех, останува забележена и јазичната разделба на српско-хрватското јазично подрачје.
Еднаш пишував или зборував за тој момент, но еве и да повторам. Како телевизиски коментатор секогаш сум настојувал сликата да ја дополнам со збор, ако е можно серазбира. Низ преносот те води режисерот, тој има толку слики колку има на располагање камери. Таму некаде на средината на првото полувреме на мониторот го забележувам колегата Марјан Старе од Љубљана. Ја дополнувам сликата,“ тоа е колегата од ТВ Љубљана, еве го сега и Милојко Пантиќ, крај него е Звонко Михајловски, долу пак на теренот Владан Стојаковиќ, еве го и коментаторот на ТВ Скопје, Атанас Костовски, а сега го гледате колегата Божо Сушец, кој вечерва коментира на хрватски јазик за гледачите на ТВ Загреб, вечерва на стадионот во Бари гледачите во Србија, Црна Гора и Босна и Хрватска го слушаат со српски, а гледачите во Хрватска на хрватски јазик“. На трибините на стадионот во Бари беше и селекторот на репрезентацијата на Југославија ( според Пантиќ и Костовски), односно изборникот Ивица Осим ( Божо Сушец)….Да, финалето заврши без постигнат гол, некогашната звезда на белграѓаните Драган Стојковиќ-Пикси не се појави во дресот на Олимпик, со реализација на решавачкиот петти пенал Дарко Панчев ни го направи многу попријатно враќањето од Бари преку Бар до Скопје. И по 28 години благодарност до Дарко и Илија (по азбучен ред) за незборавната фудбалска ноќ во Бари…

Поврзани новости