Актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе ја предводи Европската унија уште пет години, изјави вечерва во Брисел лидерот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер, откако партијата на десниот центар освои најмногу гласови на изборите за Европскиот парламент.
Тој нагласи дека ЕПП сака демократска Европа и дека „победникот на изборите сега има право да го назначи претседателот на ЕК, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Фон дер Лајен нагласи дека ЕПП ќе изгради бастион против екстремизмот и од левицата и од десницата.
„Не може да се формира мнозинство без ЕПП и заедно ќе изградиме бастион против екстремите од левицата и десницата“, рече фон дер Лајен.
ЕПП освои најмногу гласови на изборите за Европскиот парламент, но десничарските и екстремно десничарските групи го зголемија бројот на мандати, покажуваат првите резултати од новото свикување на ЕП, објавени врз основа на излезните анкети од неколку ЕУ земји членки.
Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола ги претстави првите изборни резултати врз основа на излезните анкети, кои покажуваат дека ЕПП ќе има 181 пратеник, додека во претходното свикување имаше 176.