Веапоска: Секој доктор, од породувањето до излегувањето од таа болница, е одговорен!

by Fokus

Денеска во Основниот суд во Струга продолжи судскиот процес за родилката од Дебар, Јелдаз Веапоска. Таа при породувањето во 2020 остана без бубрег, матка и јајник. Во судот се вршеше распит на судските вештаци од Институтот за судска медицина.

Вештаците потенцираа дека станува збор за оштетување на бубрежната артерија при изведувањето на царскиот рез, а не за пресекување. Причината за оштетувањето рекоа дека е непозната.

„Во наодот од март до Институтот за патологија стои дека има оштетување без детален опис и не можеме да се изјасниме како настанало. Во описот не е спомената аневризма, која може да се утврди со голо око. Во нашето мислење не се осврнуваме како постапка на несовесност, туку на периодот од следните четири дена, кога не е поставена дијагноза и не е утврден изворот на крвавењето. Ние наведуваме дека постојат причинско-последична врска во начинот на лекувањето и пропуст да се преземат мерки за да се утврди причината за крвавењето. Има дијагностички процедури, можело со ехо ултразвук на стомакот да се види од каде е крвавењето“ – рекоа вештаците.

Веапоска потсети дека покрај бубрегот, извадени ѝ се уште два органа, а за нејзината состојба виновен е целиот персонал кој бил ангажиран за нејзиното породување.

„Се фатија само за бубрегот, но да ги потсетам обвинителството, адвокатите и сите други дека кај мене е извадена и матката. Воопшто не се зборуваше зошто е извадена и зошто не можам да имам други деца и како е оштетен јајникот. Секој доктор, од породувањето до излегувањето од таа болница, е одговорен“, изјави таа.

Нејзиниот адвокат Сашо Јанев рече дека и покрај тоа што вината ја утврдува судот, според содржината на вештачењето можел да се претпостави исходот на оваа постапка.

„Во вештачењето стои дека товарот на несовесното лекување паѓа на сите учесници. Во самото вештачење се зборува за гинеколозите, анестезиолозите, за сите учесници. Имињата и презимињата на сите нив се во самиот обвинителен акт. Што се однесува до мене, би ги ставил сите од Струшката болница на обвинителна клупа. Да влезете сосема здрав и прав и да излезете без три органи, треба сите кои придонеле да одговараат за тоа“, вели Јанев.

Првообвинет во случајот е лекарот-специјалист Мухамед Асани, второобвинет Блертон Асани (лекар-специјализант) и третообвинетата Лилјана Јованоска (лекар-гинеколог акушер). Тие се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето.

Поврзани новости