Погребот на Алексеј Навални ќе се одржи утре во Москва, најави неговата сопруга и предупреди дека не е сигурна дали ќе помине мирно.
Кира Јармус, портпаролката на Навални, на X објави дека богослужбата ќе се одржи во црквата на Богородица во московскиот кварт Маржино, каде што порано живеел Навални. Лидерот на опозицијата потоа ќе биде погребан на гробиштата Борисов.
Соработниците на Навални велат дека Кремљ ги спречил нивните обиди да организираат посебна граѓанска комеморација во сала во која може да има повеќе луѓе и дека го стопирале планот за погребување на Навални еден ден порано.
Кремљ ги негираше нивните обвинувања и соопшти дека нема никаква врска со споменатите аранжмани.
„Фактот што немаме граѓанска комеморација и што не можеме правилно да се збогуваме со Навални е вина на двајца – Владимир Путин и Сергеј Собјанин (градоначалникот на Москва). Тие од Кремљ го убија, го исмеваа, ја исмеваа и мајка му. Сега се потсмеваат на неговото сеќавање“, напиша на социјалната мрежа Х, Јулија Навалња, неговата сопруга.
За време на вчерашниот говор во Европскиот парламент во Стразбур, таа напомена дека не знае дали ќе има апсења за време на погребот.