Со многу емоции, силен аплауз и во присуство на многу гости од сите генерации вчеравечер (11 декември) во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ беше промовирана биографската книга за спортската легенда Јован Спасеновски-Џагула.
Книгата „Јован Спасеновски-Џагула – херој и инспирација за спортисти и за неспортисти“, од авторот Васко Марковски е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Дизајнот на корицата го изработи Зоран Кардула. Промотори на книгата беа книжевната критичарка Александра Јуруковска и писателот Иван Шопов.
Авторот на книгата Васко Марковски истакна дека станува збор за приказна од која можеме да научиме дека не е само фраза кога ќе се каже дека некој е 90 години млад. Биографијата на Јован Спасеновски-Џагула e инспирација за спортисти и за неспортисти.
– Луѓето доаѓаат и заминуваат. Ако не ги забележиме нивните сеќавања, засекогаш ќе изгубиме скапоцени сведоштва за разни области од животот во местата што ни се важни поуки од живеењето по кои, можеби, трагаме „преку свет“, а ни биле на дофат на рацете. Јован Спасеновски-Џагула е човек чиишто животни патишта биле далеку од моите полиња на интересирање, но од кого многу научив и имам да научам, откако, во една точка, ни се најдоа патиштата… Јово Џагула (роден 1934) е спортска легенда на Тетово и Македонија, кој активно спортуваше 70 години, односно до својата 88-годишна возраст. Од тоа што го поминал низ животот можеме многу да научиме: за историјата на еден град, во една земја, за историјата на три спорта, за личниот придонес на граѓанинот кон развојот на својот роден крај, за поттикот што можат да им го дадат спортистите и учителите на своите сограѓани и на помладите спортисти, за од нив да се развијат благородни личности. За историјата на Тетово, на тенисот, на скијањето, на ФК Љуботен, на трговијата со нафтени деривати во Тетово и во скопско-тетовскиот крај… За историјата на создавањето на Ски-центарот „Попова Шапка“, на Шарпланинскиот куп; историјата на ТК Љуботен, на ширењето на тенисот во Македонија, за развојот на ветеранскиот тенис во независна Македонија и на Балканскиот Полуостров – вели Марковски, кој е туристички водич, патописец и литературен преведувач.
Александра Јуруковска истакна дека преку три посебни поглавја за трите спорта со кои се занимавал Спасеновски: тенис, скијање и фудбал, се дава и една одлична хроника за Тетово, за неговиот општествен развој, контекстуализирање во Македонија, Југославија, приликите и неприликите при почетоците на спортскиот живот.
– Биографијата е и прекрасен летопис за еден град и за неговата душа. За неговите жители, за златните денови на основање на спортот и спортските друштва, клубови, за многу пријателства на терените и надвор од нив. Најфасцинантен е бројот на соговорници, 30 застапени со изјави, со автентичен глас, говор, тетовски дијалект, што дава посебен шмек на книгата. Како и во самите кажувања и раскажувања на портретираниот Спасеновски, кој и во Скопје го донесува тетовскиот дијалект и раскажува изворно, живо, разговорливо. Оваа биографија е портретирање на еден посветен спортист, голем човек, добар другар и педагог. Инспирација за спортисти и неспортисти, инспирација за автори и хроничари… Книгата е и значајно збогатување на биографијата како жанр недоволно негуван и развиван кај нас. Затоа, да не бараме поуки на крајот на светот, да почнеме од запишувањето на нашите приказни и животи – рече Јуруковска.
Иван Шопов подвлече дека биографијата за Јован Спасеновски-Џагула, сочувана во оваа книга, ќе остане како траен документ и инспирација во една средина на која очајно ѝ се потребни позитивни, победнички, поттикнувачки и охрабрувачки приказни.
– Џагула е спортист во најубавото значење на зборот. Тој не се задоволува со занимавањето со спортот исклучиво во смисла на борба со себеси, поместување на сопствените граници и границите на сопственото тело, или со борбата да се биде подобар од противникот. Тој одлично ја разбира и социјалната, општествената, а во крајна линија и хуманата и културна димензија на спортот – Џагула знае дека борбата за развој на спортот истовремено е грижа за заедницата. Значаен дел од книгата се фотоприлозите, кои ја надополнуваат приказната и го доловуваат на специфичен начин животниот пат, но и духот на времето, односно времињата низ кои живеел и работел Јован Спасеновски. Анегдотите во книгата понекогаш придонесуваат за прецизно портретирање на ликот на Џагула повеќе од фактите. Таква е онаа кога на Шарпланинскиот куп 2009 година, по невреме се искачува по ридовите, за да им врати на организаторите знаменце од капија одвеано од ветерот. Или пак онаа од завршетокот на книгата, за Џагула што одбива да се вози во лифт – рече Шопов.
Книгата „Јован Спасеновски-Џагула – херој и инспирација за спортисти и за неспортисти“, од авторот Васко Марковски е достапна во „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk.
ПР