Василевска: Заев покажа дека е директно одговорен за сомнителниот тендер

by fokus

Зоран Заев денеска наместо да го повика на одговорност, го заштити Драги Рашковски. Заев денеска докажа дека Драги Рашковски работел по негови инструкции и за негови цели. Дека Зоран Заев е директно одговорен за сомнителниот тендер од 7 милиони евра за набавка на АТМ системот за потребите на М-НАВ кажа и самиот Драги Рашковски вчера, кој посочи дека настапувал по овластување токму на Зоран Заев, изјави Иванка Василевска, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Колега Драги Рашковски, дали сте само извршител на Зоран Заев кој е лицето кај кого треба да легнат парите од 7 милионската аванта? Охрабрете се и не го штитете човекот кој бесрамно ја лаже македонската јавност со години наназад. Исто како и кај Заев, кој бараше евро по метар квадратен, така и за Рашковски постојат аудио снимки од кои се слуша „Leonardo will win the tender“. Што тука е неразбирливо, уште пред  да се склучи договорот со Леонардо, се знаело кој ќе го добие овој тендер. Јавното обвинителство треба само да испита, дали кажаното во снимката коинцидира со настаните кои следат потоа“, рече Василевска и го повика Јавното обвинителство да преземе мерки и да определи притвор за Рашковски.

„За крај, едно обраќање до сите оние чесни членови на СДСМ и приврзаници на таканаречената  „Шарена револуција“: Навистина ги жалиме оние кои одеа месеци по улици и викаа „нема правда нема мир“, а сега мора да молчат и да не смеат да изустат ни збор за сомнеж за криминал вреден 7 милиони евра, кој го амнестира лично премиерот на државата, а нивен тогашен водач. Времето на правдата ќе дојде. Правната држава мора да профункционира. Одговорност ќе има за сите“, изјави Василевска.

Поврзани новости