Василевска: Квалитетот на македонските филмови оди нагоре, оваа година имаме пет долгометражни на „Златна рамка“

by Fokus

„Имаме неверојатна продукција оваа година. На ревијата на македонски филмови ‘Златна рамка’, која ќе се одржи по шести пат, ќе се прави отчет на сработеното. Има дури 20 филмови од кои пет долгометражни играни филмови. Тоа е неверојатна бројка за нас“ рече новинарката Ана Василевска во утринската програма на „Слободен печат“ во соработка со „Трн.мк“.

Таа додаде дека квалитетот на македонските филмови оди нагоре и дека улогите на македонските актери може да се споредуваат со европските или американските актери.

„Треба да се создадат само услови за да се работи во континуитет“ рече Василевска и додаде дека изминатите седум години македонската кинематографија бележи вртоглав раст.

Василевска објасни како оди номинацијата од земјава за кандидат за филм кој би можел да биде номиниран за Оскар за најдобар странски филм и кажа дека секоја држава предлага по еден.

„Друштвото на филмски работници избира кој од тековната година од македонските филмови ќе биде конкурент за кандидат за номинација за Оскар. Оваа година тоа беше ‘Домаќинство за почетници’. Извонреден филм, за кој сметав дека повеќе ќе се приближи“ рече Василевска.

Таа додаде дека гледајќи ги номинациите за странски најдобар филм, смета дека со малку повеќе вложување во продукцијата и дизајнот, оваа приказна и режија ќе беше неверојатно блиску до номинација.

Поврзани новости