Популарната поп пејачка Калиопи го одржа својот солистички концерт во МТС салата во Белград, а како нејзина поддршка зад сцената беше актерот Васил Зафирчев, со кого таа беше во брак од 2004 до 2011 година.
Тој објави нивна заедничка фотографија по завршувањето на концертот на која позираат прегрнати, и уште еднаш покажа дека и по разводот останале во одлични односи и меѓусебно се поддржуваат. И во минатото во повеќе наврати поранешните сопружници истакнуваа дека разводот го доживеале како зрели личности, и секогаш се тука еден за друг.
И првиот сопруг на Калиопи, композиторот Ромео Грил со кого го имаат синот Пако, беше покрај неа на нејзиниот концерт во Белград кој се одржа пред четири години. Тие тогаш по триесет години пауза се појавија на истата сцена, и додека таа пееше, тој ја придружуваше на гитара, а по настапот се прегрнаа пред бројната публика.
Двајцата своевремено беа еден од најпопуларните музички парови кај нас. Заедно настапуваа од 1986 до 1989 година и оставија голем број на евергрини. Љубовта ја крунисаа со брак во осумдесеттите години на минатиот век, го добија синот Пако (31), а потоа кон крајот на деведесеттите години ставија крај на заедничкиот живот.
Лани пак, во Белград за време на нејзината промоција на дуетот со Жељко Самарџиќ, Ромео дојде со својата сопруга, за која Калиопи кажа дека и е најблиска пријателка.
-Ние сме реализирани луѓе, имаме минато, имаме сегашност, верувам дека ќе имаме и иднина, бидејќи во тоа е целта и суштината. Сопругата на Ромео е моја најблиска пријателка-истакна пејачката за српските медиуми.
Со пријателскиот однос со своите поранешни сопрузи, Калиопи на некој начин ги урива предрасудите дека крајот на бракот значи и крај на пријателството и меѓусебната поддршка.
За вчерашниот концерт во Белград на Калиопи известија голем број на српски медиуми. Тоа е нејзин осми концерт во Белград во тек на наејзината кариера, а втор во МТС салата. Истиот требаше да се одржи лани во ноември, но беше откажан пред самиот почеток, бидејќи почина жена во публиката.
Вики Клинчарова