Во 2007 година, кога соседна Србија ја избра Марија Шерифовиќ да ја претставува земјата на 52-то издание на Евровизија, која тогаш се одржуваше во Хелсинки, и покрај тоа што во тој период социјалните мрежи не беа широко распространети помеѓу народот на Балканот, се појави еден коментар од ,,загрижена” граѓанка, на тема Марија. –Боже, каква ,,наказа” ние испраќаме да не претставува пред светот? – гласеше прашањето или заклучокот на ,,длабоко” вознемирената жена, кој потоа голем дел на тамошни медиуми го пренесоа.
Сосема очекувано за нашите простори, добар дел од народот во Србија се ,,крена,, против Шерифовиќ, првенствено поради нејзината сексуална определба (таа никогаш не криеше дека е дел од ЛГБТ, но и никогаш јавно не зборуваше за својот приватен живот), исто и поради нејзиниот физички изглед, па во периодот пред да замине на Евровизија, Марија беше распната на крст.
Сепак, нејзиниот фантастичен глас, емоцијата на сцена, и секако одличната ,,Молитва”, на Србија за прв пат во историјата и ја донесоа победата на Евровизија. Шерифовиќ, која беше испратена на настанот со ,,дрва и камења” од одредени групи на ,,моралисти”, беше дочекана по завршувањето на Евровизија како народен херој во Белград. Поддршката од оние кои и ја дадоа на самиот старт беше тука, но многу и од оние за кои нејзиниот избор беше национална трагедија, со текот на времето замолкнаа пред моќниот глас и хитовите кои таа веќе со години наназад ги создава.
Кај нас изминативе два месеци го имаме Васил распнат на крст. Наместо да биде испратен на Евровизија со позитивна енергија и желби за успех, да се сосредоточи на настапот и да не претстави во најдобро светло, по Гарванлиев кој иако веќе неколку дена е во Ротердам, не престанува каменувањето од одредени групи на луѓе.
Линчот против него, барем оние кои добро ги следат евровизиските случувања, знаат дека не започна кога поради грешна поставка на боите на уметничко дело, кое се појави во неговиот видео запис за евровизиската песна и на многумина им заличи на боите на бугарското знаме. Тоа беше само дополнителен повод да се продолжи таму, каде се застана лани, кога пошироката јавност дозна дека тој по потекло е од Струмица, родниот град на премиерот Зоран Заев. Не требаше многу за да се иполитизира изборот на музичарот и тргнаа обвинувањата дека дури лично премиерот го избрал Гарванлиев да настапи на музичката манифестација.
Демантите и извинувањата од страна на Васил, како и појаснувањето на надлежните од Националната галерија за ненамерната грешка на распоредот на боите на уметничката поставка, која никој со години не ја забележал, не можеа да се слушнат од прегласните обвинувања. Интервјуто од 2019 година во кое Васил открива дека има и бугарско државјанство (како и десетици, ако не и стотици илјади македонски граѓани, првенствено поради егзестенцијални причини), а кое повеќето го кријат како змија нозете, за да се поштедат од обвинувања од пошироката јавност, беше како фрлање на буре полно со нафта во веќе силно разгорениот оган.
Илјадници пораки на социјалните мрежи кои изобилуваа од навреди и закани, говор на омраза за каков светот ретко слушнал, и се тоа под изговор дека Васил ги повредил патриотските чувства на нацијата и не е достоен да ја претставува Македонија.
И кога можеби некој ќе помислеше дека овде е крајот, непосредно пред заминувањето во Ротердам, како завршница на лошиот филм во кој влета музичарот, следеше неговото интервју за британски медиум, во кое откри дека е хомосексуалец.
Во една затворена средина, каде на поразличните се гледа со предрасуди од невиден размер, неговото признание беше шок за патријахално воспитаните, посебно за моралистите чиј двор секогаш е ,,изметен”, па имаат обичај да загледуваат и во дворот на соседот и да даваат насоки за најефикасно чистење.
Играњето со отворени карти, наместо да му донесе прифаќање, поздрав за бруталната искреност, или во краен случај, рамнодушност од средината, на Гарванлиев му донесе цела армија на непријатели, кои според коментарите кои јавно ги оставаат, се во состојба да го распнат на крст и каменуваат, бидејќи не се вклопува во нивната слика за совршен живот во која има место само за хетеросексуалците, па дури и да се најголеми криминалци.
Зборови, кои неодамна се најдоа во електронската платформа на Толковниот речник на македонскиот јазик, а кои се користат како навреди и голем број на граѓани и интелектуалци бараа итно да бидат повлечени, се секојдневие на социјалните мрежи, и се бројат во илјадници, кога е Гарванлиев во прашање. Невидена омраза и гнев се истураат врз него, па и врз оние кои се обидуваат да кажат некој збор со поддршка за струмичанецот.
Марија Шерифовиќ, Тамара Тодевска, Васил Гарванлиев… Евровизиски претставници кои поради намерна или ненамерна грешка, поради искреност и предрасуди ги разбудија нечиите скриени желби за линч, распнување на крст, каменување… Не потсетија дека помеѓу нас живеат луѓе жедни за нечие патење, кои на оние што не се вклопуваат во нивните шаблони за совршенство, ќе им направат пекол од животот, ако не повеќе, барем со ужасни навреди, скриени зад компјутер.
Околу тоа како сето ова се одразува на Гарванлиев, кој веќе ја имаше првата проба на евровизската сцена во Ротердам, го контактиравме музичарот. Како многупати порано, тој ги потиснува сите негативности и лоши ситуации, уверен во победата на човечката добрина над злобата, и можноста за обединување и надминување на предрасудите.
-Многу сум среќен што имам можност да ја ширам љубовта и позитивната енергија преку песната. Првата техничка проба помина одлично, фокусот беше насочен кон тоа да ја почувствувам сцената, да се адаптирам на неа, а сега уште подетално ќе работиме на финесите.
Сакам да останам смирен, фокусиран, да ја претставам Македонија како што знам дека умеам, во најдобро светло. Во очекување на втората проба имаме мирни денови, со ретки прошетки и дневна рутина на трчање покрај вода.
Добивам многу позитивни реакции, ја чувствувам поддршката, да застанеме сите заедно, едно срце преку музиката – ни кажа Гарванлиев.
Тој ќе настапи на втората полуфинална вечер на 18-ти мај, шести по ред. Времето ќе покаже дали со својот глас и искрена емоција ќе успее да го надгласи говорот на омраза, кој ни стана како поздрав за добро утро, добар ден и добра ноќ.
Вики Клинчарова