Васил ќе го крши мразот на Евровизија: Прв во првото полуфинале!

by fokus

Нашиот евровизиски претставник Васил Гарванлиев ќе настапи прв на првата полуфинална вечер на Евровизија 2020, која ќе се одржи во Ротердам, Холандија.

Денес се одржа извлекувањето кое се емитуваше во живо на евровизискиот Јутјуб канал. Во првото полуфинале ќе настапат 18, додека пак на втората полуфинална вечер, 17 учесници.
Покрај Македонија, на првата полуфинална вечер ќе настапат и Белорусија, Литванија, Шведска, Словенија, Австралија, Ирска, Русија, Норвешка, Кипар, Хрватска, Азербејџан, Малта, Израел, Украина, Романија и Белгија.

Во втората полуфинална вечер ќе настапат Австрија, Молдавија, Полска, Сан Марино, Србија, Исланд, Чешка, Грција, Естонија, Данска, Бугарија, Швајцарија, Финска, Ерменија, Латвија, Грузија, Португалија и Албанија.
Првата полуфинална вечер ќе се одржи на 12-ти мај, втората на 14 – ти, додека финалето ќе се случува на 16-ти мај.
Се уште не е избрана песната со која што Гарванлиев ќе не претставува на настанот.

Во интервју за ,,Фокус” минатата недела тој изјави дека Евровизијата за него е голем предизвик.

-Да ги тргнеме ножевите на страна и без разлика на резултатот дајте да почнеме да се цениме и да научиме да си кажуваме БРАВО! Евровизија не е само натпревар туку и едно одлично музичко шоу. Одиме напред и нагоре!- порача струмичанецот, кој по 22 години живот во странство, пред две години се врати во родниот крај.

Зад себе има дипломи од престижни светски универзитети за соло и оперско пеење и има настапувано со познати светски музички имиња на разни фестивали и натпревари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости