Српската евровизиска претставничка Ана Ѓуриќ Констракта периодов се најде на удар поради масички кои се наоѓаат на нејзината Велигденска фотографија, а кои на дел од јавноста и заличиле како рускиот симбол, латинската буква Z.
На нападите и обвинувањата дека Констракта праќа јавна поддршка за Русија веднаш реагираа од Јавниот сервис РТС, кои негираа било каква слична намера, појаснувајќи дека истите масички ги користеле повеќе од три години за потребите на студиото.
Јавноста се сеќава на сличен настан, но со многу поголема масовност и невиден линч врз македонскиот минатогодишен евровизиски претставник Васил Гарванлиев, кога во видео записот за евровизиската песна, снимен во Даут пашиниот амам, се гледаше уметничка поставка со боите на буграското знаме.
За да биде драмата поголема, се испостави дека делото со потпис на Жанета Вангели под наслов „Омаж на Андреј Рубљов“, изработено во триптих техника, a редоследoт на боите се бела, црвена и зелена, но за време на молерисување, некој од работниците го променил редоследот на боите.
Така, многумина го протолкуваа како бугарско знаме, па се започна дури и со онлајн петиција, во која се бараше Гарванлиев да не ја претставува Македонија на настанот.
Ситуацијата дополнително се искомплицира кога се дозна дека тој има и бугарски пасош, кој го добил уште како дете.
По бурните јавни реакции и по линчот врз Васил, видое записот беше тргнат од Јутјуб, а потоа и сцената со поставката беше променета.
Околу тоа како денес гледа на она кое и се случува на Констракта, а кое и тој самиот го почувствува на своја кожа лани, Гарванлиев за ,,Фокус” вели дека не ги следи случувањата детално, но песната на Констракта, која е всушност песна со порака, за него е многу важна.
-Немам коментар за случувањата, ама песната со порака за мене е многу важна и релевантна за сите уметници и тие што лесно судат, без да знаат колку работа има позади сцена.
Музиката е прва која заминува и прва која се враќа за време на хаос. Не можеме да живееме без музика, ако некој мисли дека може, се лаже самиот себе – порача Васил, кој веќе подолг период престојува во Чикаго, Америка.
Таму работи на својот албум на англиски јазик. Лани, кога ја претставуваше земјата на Евровизија, не успеа да влезе во финалето.
Констракта пак, која во мај ќе ја претставува Србија на Евровизија 2022, стана вистинска атракција со невообичаената песна и моментално се наоѓа на 11-то место во обложувалниците.
Вики Клинчарова