Васил Гарванлиев во барокна опера

by Fokus

Овој месец ЗГУРМК „Полифонија“ од Скопје организира неколку атрактивни музичко сценски проекти чии композиции никогаш до сега не се изведени во државата во професионален состав.

На 20-ти септември 2019 ќе се одржи уникатна барокната претстава „Dido and Aeneas“ во камерната сала на Македонската Филхармонија во Скопје, а во една од главните улоги ќе настапи баритонот Васил Гарванлиев. Струмичанецот и стана познат на јавноста уште како дете, кога на седум годишна возраст го отпеа детскиот евергрин ,,Марионка”.

Неколку години потоа, тој со семејството се пресели во САД, а на 17 години заминал во Милано, Италија, каде што поминал неколку години. На аудиција во Торонто во Кралскиот конзерваториум бил примен со целосна стипендија и таму останал девет години. Минатата година ја изненади јавноста со одлуката повторно да се врати и да живее во Македонија, во родната Струмица.

Барокната опера „Dido and Aeneas“ во која што толкува една од главните улоги е базирана врз поезија на Римскиот поет Виргилиј. Музиката е напишана од еден од најславните англиски композитори на сите времиња, Henry Purcell. Претставата која се смета како монументално дело на Барокот раскажува за љубовта на Картагенската кралица Дидо кон Тројанскиот херој Енеј и нејзината огорченост кога поради политички причини тој ја напушта.

Во претставата е сместена и аријата Dido’s Lament која е една од најграндиозните лирски мелодии на барокот. За оваа композиција потребна е барокна артикулација и специфики на изведба кои ќе бидат претставени и пренесени до нашите солисти преку реномирани барокни уметници од Канада и Германија како и и македонските уметници Васил Гарванлиев, Емилио Перцан и Сања Шуплевска. Проектот е поддржан од Министерството за Култура, Гете-институт во Скопје и Канадскиот Музички Центар во Скопје – информираат од ,,Полифонија”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости