Васил Гарванлиев: Минатата година беше најважна во мојот живот!

by fokus

Музичарот и македонски претставник на Евровизија 2021, Васил Гарванлиев, го прослави својот 38-ми роденден. Струмичанецот кој живее и работи во Америка, објави фотографии од роденденската забава, и порача дека изминатата година му била една од најважните во животот.

Како потсетување, тој годинава во април беше запросен од својот партнер, а исто така тогаш за „Фокус“ откри дека започнал да работи на својот англиски албум.

Тогаш раскажа дека има редовни настапи, а новите музички материјали на кои работел биле еден вид на латино ритам, помешан со балкански примеси.

-Каква година! Ви благодарам на сите за љубовта, поддршката, пораките, за тоа што вие сте вие! Минатата година беше една од досега најважните во мојот живот, а овој почеток на избран семеен покрив, е само отсјај на големината која доаѓа.
Опкружете се со љубов, радост, со светлосни суштества кои се ваши истомисленици – порача Гарванлиев.

Тој беше музичка сензација во земјава на свои седум години, кога го отпеа детскиот хит „Марионка”. Потоа со семејството замина во Америка, а извесен период живеел и во Италија. Се школувал на повеќе престижни музички универзитети.

Во 2018 година се врати во Македонија, каде сними повеќе авторски дела, а по враќањето од Евровизија, во 2021 година, стана мета на јавен линч, поради евровизискиот спот, каде во позадина се појавува уметничко дело кое ги има боите на бугарското знаме, но и поради своето јавно признание дека е хомосексуалец.

Набргу потоа повторно замина во Америка, а во последните изјави за „Фокус“ не криеше дека е разочаран поради предрасудите за ЛГБТ заедницата кои се уште се присутни во Македонија, но и дека по враќањето во Америка, животот му станал како бајка.

Вики Клинчарова

Поврзани новости