Васиќ и Павловска во битка за претседателското столче на Уставен – не можат да добијат мнозинство и по четири пати гласање

by Fokus

Уставниот суд и по четири круга гласање за претседател, не може да избере наследник на судијката, Добрила Кацарска. Четири пати се гласало за двете предложени кандидатки, Татјана Васиќ – Бозаџиева и професорката Ана Павловска Данева, но ниту едната не успеала да обезбеди шест гласа од деветмината судии, колку што е потребно.

-Во Уставниот суд денеска се одржаа четири круга на гласање за претседател при што ниту еден од предложените кандидати не го доби потребното мнозинство. Согласно Деловникот, постапката за избор се повторува се додека не се избере претседател на Уставниот суд, соопштија од Уставниот суд.

Седницата за избор продолжува утре во 10 часот. Во сите четири круга на гласање двете кандидатки имале ист број на гласови.

Според нашите информации, за Бозаџиева Васиќ гласале петмина судии, а за Павловска – Данева гласале четворица судии.

Во првите два круга, како што дознаваме, Бозаџиева Васиќ која стана уставна судијка од позиција на државен советник во повеќе министерство, ја предложила поранешната судијка во Апелација, Татјана Дуковска, а во следните два круга, уставниот судија Фатмир Скендер. Професорката Павловска Данева пак ја предложила нејзината колешка, Јадранка Дабовиќ Атанасовска во сите четири круга.

Неофицијално и утре ќе се оди со истите кандидати, но се уште неизвесно е кој ќе седне на местото на Кацарска, чиј мандат истекува на 2 јуни. Кацарска вчера кажа дека нема да предложи кандидат за да не се протолкува дека лобира за некој.

Според член 7 од Деловникот Уставниот суд на седница избира претседател на Уставниот суд од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број на судиите, со тајно гласање.

-Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд. Предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии избрани со мнозинство од вкупниот број на судиите. Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува, предвидува овој член.

Неизвесно е дали до утре некој судија ќе се премисли за овие кандидати или ќе се предложат нови.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости