Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден, со намера што поскоро да спречи целосна израелска офанзива во Рафах, на властите во Тел Авив им нуди разузнавачки информации за лидерите на Хамас. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети влез на израелски трупи во Рафа со употреба на „екстремни сили“, додека во Вашингтон сакаат тоа да биде операција со јасно дефинирана цел, а притоа да се избегнат цивилни жртви.
Затоа, САД му нудат на Израел разузнавачки информации кои ќе помогнат да се лоцираат лидерите на Хамас, како и да се најдат скриени подземни тунели во кои тие се кријат. Ова го изјавиле четворица извори запознаени со понудата која била испратена до израелските власти.
Во исто време, САД му понудија на Израел помош во обезбедувањето илјадници шатори за изградба на цели населби со храна, вода и медицински услуги, за Палестинците евакуирани од Рафах да имаат соодветни услови за живот.
Изворите, кои сакаа да останат анонимни, рекоа дека американскиот претседател Бајден и неговите високи соработници ги даваат овие понуди во последните недели во обид да ја ограничат најавената израелска воена акција против градот, во кој живеат повеќе од 1,3 милиони Палестинци, од кои повеќето се бегалци од други делови на Појасот Газа.
Вашингтон му обезбедуваше разузнавачки информации на Израел во текот на целата војна, која трае повеќе од седум месеци, и по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, кога беа убиени повеќе од 1.200 војници и цивили, а околу 200 беа киднапирани.
Американските власти се обидуваат да ги убедат сојузниците на Израел дека е можно да се уништат преостанатите баталјони на Хамас со прецизни воздушни напади, исто како и водачите на оваа терористичка организација, без да се изврши целосна копнена офанзива. САД веруваат дека ќе бидат потребни неколку месеци за безбедно да се евакуираат стотиците илјади палестински цивили кои моментално живеат во нехумани услови во Рафах.
Белата куќа смета дека тие не можат едноставно да бидат префрлени во веќе уништените делови на Појасот Газа, туку дека мора да им се обезбеди основна инфраструктура – засолниште, храна, вода и медицинска помош, а не да бидат изложени на глад и болести.