Вашингтон бара од Зеленски отвореност кон идејата за преговори со Москва

by Фокус

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан неодамна на состанок му рекол на украинскиот претседател Володимир Зеленски да размисли за „реалните“ преговарачки позиции, пишува Волстрит џурнал.

Според изворите на весникот, Вашингтон го повикал Киев да покаже отвореност кон идејата за преговори.

„Двајца европски дипломати запознаени со дискусиите рекоа дека Саливан препорачал тимот на Зеленски да ги разгледа реалните барања и приоритети на разговорите, вклучително и преиспитување на својата објавена цел… да ја вратат контролата врз Крим“, пишува весникот.

Според весникот, сѐ поголем број американски претставници веруваат дека следните недели и месеци претставуваат шанса Русија и Украина да размислат за можни преговори. Вашингтон смета дека почетокот на зимата може да биде пресвртница во конфликтот во Украина.

„Со оглед на тоа што Украина изгледа малку веројатно дека ќе постигне значителни придобивки на бојното поле во следните недели, американските власти и некои од нивните европски колеги почнаа да се прашуваат кога општеството ќе почне да бара мирно решение“, пишува весникот.

Весникот забележува дека САД и нивните сојузници се загрижени дека нивната поддршка за Украина пребрзо ги исцрпува нивните резерви на оружје.

„Им порачуваме на Украинците дека на нив е да одлучат кога да го направат тоа (да почнат мировни преговори). Но би било добро да ги почнат порано“, цитира весникот еден од западноевропските дипломати.

Зеленски претходно потпиша указ за стапување во сила на Одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина за неможност за преговори со рускиот претседател Владимир Путин. Тој исто така изјави дека Украина нема да преговара со Русија сѐ додека Путин е нејзин претседател.

Рускиот претседател Владимир Путин на крајот на октомври изјави дека Русија е подготвена за преговори за Украина и го повика Киев веднаш да ги прекине сите борбени операции.

Поврзани новости