Очекуваме од Европската комисија да ја слушне, не само Франција, туку и другите земји членки на ЕУ, и многу брзо да излезе со нова рамка преку кој ќе можеме, конечно, да го започнеме процесот на проширување на Унијата со Западен Балкан, изјави алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис по завршувањето на Советот за општи работи на Европската унија, јави дописничката на МИА од Атина.
Варвициотис истакна дека на Советот донеле одлука да испратат порака дека Западен Балкан е дел од Европа и покрај недонесената одлука минатиот месец за почеток на пристапни преговори.
– Да испратиме порака и до земјите од Западен Балкан дека сакаме да бидат во нашето европско семејство, но и до Комисијата дека постои начин да одиме напред во ова проширување, а тоа е усвојување на нова процедура на проширување. Ставовите што ги достави Франција се ставови што означуваат нов тек кон една насока. Очекуваме од Комисијата да ја слушне, не само Франција, туку и другите земји, и многу брзо да излезе со нова рамка преку кој ќе можеме, конечно, да го започнеме овој процес на проширување на ЕУ со Западен Балкан, рече од Брисел алтернативниот шеф на грчката дипломатија