Искривената православна вера (т.е. црковно кажано ереста) „стана основа на идеологијата на режимот на Путин“.
Ова е главната теза на големиот програмски говор, произнесен од Вселенскиот (Константинополски) патријарх Вартоломеј (Архондонис), „првиот по чест“ јерарх во светското православие.
Тој ги произнесе овие силни зборови на конференцијата за меѓународна политика што се одржува деновиве во Абу Даби, како платформа за презентирање на деталниот план за разрушување на глобалната структура на Руската православна црква, која е цврсто споена со режимот на Путин и се подготвува да ја сподели неговата историска судбина.
Тоа е еден вид „Валдај“ клуб, возглавен од раководителот на Францускиот институт за меѓународни односи проф. Тиери де Монтбриал и обединител на авторитетни политиколози и дипломати од Истокот и Западот.
Оваа година, конференцијата за меѓународна политика, организирана од истоимената фондација, беше целосно посветена на настаните во и околу Украина. А водачот на светското православие, кој поседува докторски степен од Минхенскиот и од Папскиот Григоријански универзитет, предложи своја анализа за причините за таа катастрофа, врз основа на црковната историја и канонското право.
Постсекуларизмот, кој ги замени капиталистичкиот материјализам и комунистичкиот атеизам, ги направи религиозната реторика и символите многу популарни во меѓународната политика. Но, спојувањето на овие символи со неоимперијализмот на Москва, остатоците од советската идеологија и паранојата на еден и единствен политички лидер создаде многу грозен, крвав хибрид.
За прв пат Вартоломеј толку категорично со толку остри зборови го нарече взаемодејствието на Руската православна црква со режимот на Кремљ.
Очигледно, патријархот Кирил е поткрепуван само од своите потчинети структури во Руската федерација и Белорусија, но дури и украинските епархии лојални на Руската православна црква се оградија од неговата позиција
„Руската црква ги користи средствата на државата за да го воспостави своето влијание врз канонската територија на другите цркви, и покрај најелементарните правила за црковната организација на православието.
Станува збор за создавањето на „Африканската егзархија“ на страна на Руската православна црква и привлекувањето на африканско свештенство од Александриската патријаршија во неа, и покрај фактот што, Александриската црква е основана во 1 век од Христа од апостолот Марко и нејзината јурисдикција над африканските територии никогаш не била доведена во прашање во историјата на Христијанството. Карактеристично е што „егзархијата“ на Руската православна црква постигна максимален успех во африканските земји, каде што приватната руска армија „Вагнер“ врши големо влијание…
Извор: „Новаја газета. Европа“