Духовниот водач на православните христијани денеска изјави дека Руската православна црква сноси одговорност за конфликтот во Украина, но дека е подготвена да помогне во повоената „духовна обнова“ на Русија.
Вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој ја налути Москва во 2019 година со признавањето на новооснованата православна црква на Украина, рече дека руските власти ја користат црквата како „инструмент за своите стратешки цели“, објави Ројтерс.
„Црковното и државното раководство во Русија соработуваа во злосторството на агресија и ја споделија одговорноста за злосторствата што следеа, како што е шокантното киднапирање на украински деца“, рече тој на конференцијата одржана во литванскиот парламент.
Минатата недела Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, обвинувајќи го за воено злосторство илегално депортирање на стотици деца од Украина. Русија вели дека децата биле префрлени од Украина поради нивна безбедност и негира дека извршила какви било злосторства.
„Нашиот меѓуверски дијалог мора да се фокусира на начините за отпор и неутрализирање на капацитетот на раководството на Московската патријаршија да го поткопа единството и теолошки да го легитимира криминалното однесување“, рече Вартоломеј.
Тој рече дека „Цариградската Мајка е подготвена уште еднаш да им помогне на своите деца во Украина и Русија, како што тоа го правела многу пати во минатото“.
„Наша заедничка христијанска должност е да ја искористиме моќта на дијалогот за да ги вратиме нашите руски браќа и сестри во нашата заедница на заеднички вредности“, рече Вселенскиот патријарх, нагласувајќи ја потребата од „духовна обнова“ и во Русија и во Украина.