Западен Балкан е стратешки приоритет за ЕУ. Треба да го забрзаме нивниот пристапен процес, напиша европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји, кој присуствува на форумот на европските либерали во Софија.
Тој повика на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ.
Претставниците на земјите од Западен Балкан предупредиле дека долгото чекање за членство во Унијата води до фрустрација и замор, пренесуваат бугарските медиуми.
Амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Агнеза Руси Поповска, предупреди дека поддршката за европска интеграција кај граѓаните на Северна Македонија е намалена за три пати, пренесува Бугарската национална телевизија (БНТ).
Форумот го организираат Европскиот либерален форум со поддршка на партијата Алијанса на либерали и демократи за Европа и Атлантскиот клуб од Бугарија.
Вархеји на Твитер денеска објави дека пред форумот имал одвоени средби со повеќе бугарски политички лидери.
На состанокот со првите луѓе на Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија, Кирил Петков и Асен Василев, разговарале за политичката состојба во Бугарија, нејзиното влијание врз билатералните односи со Македонија, како и за напредокот во реформите за членство на Северна Македонија во ЕУ.