Еврокомесарот за проширување Вархеји преку Твитер експресно ја поздрави најавата на лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов дека ќе го поддржи францускиот предлог за почеток на ЕУ преговорите со С. Македонија
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји смета дека лидерот на бугарската опозициска партија ГЕРБ и експремиер, Бојко Борисов донел „историска одлука“ со најавата дека ќе го поддржи францускиот предлог за надминување на бугарското вето кон Северна Македонија во ЕУ. Вархеји експресно му честиташе на Борисов за одлуката на Твитер:
-Му благодариме на лидерот на опозициската ГЕРБ, Бојко Борисов за носењето историска одлука за Европа и за Северна Македонија, да ги прифати преговорите врз основа на францускиот предлог овозможувајќи да продолжи отворањето на преговори со ЕУ. Очекуваме владата денеска да ги поднесе неопходните предлози до парламентот денеска за Европа да тргне напред, напиша Вархеји.
Поранешниот бугарски премиер и лидер на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Бојко Борисов во средата даде зелено светло за францускиот предлог за кревање на бугарското вето за македонската интеграција во ЕУ. Тој го повика бугарскиот премиер, Кирил Петков до Народното собрание официјално да го достави предлогот на француското претседателство и најави дека пратеничката група на ГЕРБ, која брои 59 пратеници, ќе го поддржи овој предлог на пленарна собраниска седница.
„Предлогот на француското претседателство со ЕУ за Северна Македонија е најдобар“, рече Борисов на вонреден брифинг во седиштето на ГЕРБ.