Вархеји очекува да се изгласаат уставните измени

by fokus

Властите на Северна Македонија продолжија да демонстрираат и јавно да ја декларираат својата посветеност за напредок на европскиот пат и сега кога започна процесот на пристапни преговори, земјата треба да го забрза темпото на реформи поврзани со зачленувањето во ЕУ, порача еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји во обраќањето пред членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.

– Парламентот и Владата се залагаат да почнат и приоритетно да се спроведат релевантните уставни измени. Се надеваме дека сите страни ќе го поддржат тоа за земјата да оди напред, изјави Вархеји, додавајќи дека спроведувањето на уставните измени е суверена одлука и определба на земјата, која дополнително би ги зајакнала основните права.

Според него, загриженост предизвикаа некои измени во Кривичниот законик, кои се однесуваат на голем број случаи на корупција на високо ниво.

– Зајакнувањето на довербата во правосудниот систем и справувањето со корупцијата, вклучително и преку солидни истраги, гонење и конечни пресуди за случаите на корупција на високо ниво е од клучно значење, додаде Вархеји.

Во однос на скрининг процесот еврокомесарот посочи дека тој напредува непречено и дека властите на земјава покажале високо ниво на посветеност во неговата реализација.

Поврзани новости