Вархеји: Нацрт-менаџерскиот тим за ЗСО е почетна точка за понатамошни дискусии

by Fokus

Европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји, смета дека нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово, презентиран од менаџерскиот тим, е почетна точка за дискусијата за формирање на ова тело.

„Клучно е Косово да се ангажира конструктивно, како што истакна специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак. Нацртот на менаџерскиот тим е почетна точка за понатамошни дискусии за Унијата“, изјави Вархеји на дебатата за Косово одржана на пленарната седница на Европскиот парламент, пренесува Радио Слободна Европа.

Станува збор за нацрт-статутот на Унијата што им беше претставен на Косово и Србија на лидерската средба одржана на 2 мај во Брисел, на која присуствуваа и косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Овој нацрт беше отфрлен од косовскиот премиер Албин Курти, наведувајќи дека нема да дозволи формирање на „нова Република Српска на Косово“, пренесува РСЕ.

На 3 мај косовските власти го распуштија Менаџерскиот тим со образложение дека ден претходно во Брисел го претставиле статутот и дека им завршил мандатот.

Овој тим го сочинуваа четири члена од српската заедница: Данијела Вујичиќ, Јелена Боловиќ, Игор Каламар и Дејан Радојковиќ. Членовите беа предложени од Србија, а формално беа именувани од владата на Косово.

Европската унија оцени дека со оваа одлука косовската страна го прекршила „духот и словото“ на договорот во дијалогот.

Формирањето на Заедница на општини со српско мнозинство е обврска на Косово што произлегува од договорите постигнати во рамките на дијалогот со Србија во 2013 и 2015 година.

Поврзани новости