Еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји денеска изјави дека во октомври ќе се одржат меѓувладини конференции со Србија, со Албанија и можеби со Северна Македонија.
На конференцијата за Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) и Заедничката безбедносна и одбранбена политика (ЗБП) во Будимпешта, Вархеји додаде дека ЕУ треба да ги продолжи преговорите со Србија и да го отвори Кластерот 3, кој се однесува на конкурентност и инклузивен раст. Воедно тој ги повика Белград и Приштина да напредуваат во дијалогот кој се води под посредство на ЕУ.
„Потребен е конструктивен пристап, а еднострани потези кои создаваат тензии мора да се избегнуваат“, рече Вархеји.
Комесарот на ЕУ за соседство и проширување изрази надеж и за понатамошни чекори за подобрување на односите ЕУ-Турција, велејќи дека Брисел сака „враќање на енергијата“ во билатералните врски со Турција.
Македонија треба да направи уставни измени за да продолжи по европскиот пат. Претходно се споменуваше и дека е можно Македонија и Албанија да бидат раздвоени на патот кон ЕУ. Прво Франција, а потоа и Бугарија го блокираше почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.