Вардарски регион доби нови противпожарни возила, заминува ли Фапот во историја?

by Fokus

Денеска во Кавадарци градоначалниците од општините Кавадарци, Велес, Неготино и Свети Николе присуствуваа на примопредавање на четири противпожарни возила, за потребите на четирите територијални противпожарни единици од Вардарскиот плански регион од страна на Министерството за локална самоуправа и Центарот за развој на Вардарски плански регион.

Вкупната вредност на овој проект изнесува 32.000.000 денари од кои 24 милиони се обезбедени преку Министерството за локална самоуправа, а 8 милиони се кофинансирање од четирите општини.

-Со реализацијата на овој проект се зајакнуваат капацитети на четирите Територијални противпожарни единици кои што ќе ги покриваат и останатите пет општини од Вардарскиот плански регион кога и да е тоа потребно. Бидејќи возилата се набавени од Турција, градоначалникот заедно со другите градоначалници ќе има и работен состанок со претставници од Амбасадата на Република Турција во Македонија, како и членови на управниот одбор на македонско турската стопанска комора на кој ќе се разговара за можностите за идна соработка-информираат од Општина Кавадарци.

За проектот за набавка на четири модерни возила за гасење на пожар, преку Вардарски плански регион, уште минатата година информираше Лазар Петров, градоначалникот на Демир Капија, откако во јавноста стана актуелна снимката на општинскиот Фап, возило од седумдесеттите години на минатиот век, кое беше испратено како помош во гасење на голем пожар во Гевгелија.

Како што тогаш појасни Петров, општината го користела Фапот единствено за миење на улиците, а кога биле пожари во прашање, ги користеле услугите на Општина Неготино. И покрај шеговитите коментари на сметка на старото возило, тогаш голем број на пожарникари раскажаа дека Фапот кој изгледа како историски експонат, сепак е многу добар кога се работи за гасење на пожар на стрмен терен.

Новите модерни противпожарни возила биле поефикасни за гасење на пожар во населено место, до кој се доаѓа по рамен пат.

Вики Клинчарова

Поврзани новости