Македонскиот најтрофеен фудбалски клуб Вардар за првпат во својата историја испадна од најсилната конкуренција во домашното првенство и наредната сезона ќе настапува во Втората македонска фудбалска лига.
Тоа наиде на разочарување кај фановите на „црвено-црните“, но проблемите на Вардар се ткаеја долго време и ваквиот исход не е изненадување за многумина.
Легендата на клубот, Кочо Димитровски, во разговор за „Фокус“ не го криеше своето разочарување од ситуацијата во која се најде неговиот омилен клуб.
„Ова што се случи е сам за клубот. Срам ми е што сум бил дел од ваков еден гигант. Виновници за оваа ситуација се само луѓето кои го водат клубот, а не играчите или тренерите. Како може Вардар тоа да си го дозволи? И многу поголеми клубови испаѓале во понизок ранг, но се враќале брзо. Вардар направи грешка пред пет години, кога требаше да испадне, па направи фузија со Миравци. Многу чудни работи се случија во клубот. Без пари никој не игра, а со деца од 17-18 години не може да се натпреварувате цела сезона против најсилните“, вели Димитровски.
Навивачите на Вардар пред извесно време купуваа карти за спас на клубот, но очигледно е дека тоа беше недоволно за тимот да се извлече. Каде треба да се гледа спасот?
„Единствен спас е во клубот да дојде некој шеик, да ги подмири сите долгови и да го врати Вардар на правилен пат. Да дојдат да работат домаќини луѓе, а не апаши и багабонти“, го заврши разговорот Димитровски.
Тој потекнува од младинската школа на клубот, каде ја помина и целата негова сениорска кариера, а за „црвено црните“ има одиграно 845 натпревари (416 првенствени средби) и постигнато 95 погодоци.
Фото: Ѓорѓи Личовски
Јорданчо Цветаноски