Ракометарите на актуелниот европски шампион Вардар во последните десет минути од полуфиналниот меч во Задар со хрватскиот претставник ППД Загреб успеаја да надоместат заостанување од шест погодоци и потоа по подоброто реализирање на седмерците да дојдат до победа од 30:29 (26:26, 13:16), по што во недела ќе ја бранат титулата во СЕХА лигата против унгарски Веспрем кој претходно очекувано го победи белоруски Мешков од Брест.
Откако во првиот дел од првото полувреме мина во рамноправна игра во која Вардар не успеваше да оствари предност поголема од еден погодок, Загреб со серија од 5:0 од 17 до 23 минута се одлепи на 13:9. Скопските ракометари успеаја пред крајот да се приближат на 13:14, но попуштија во последната минута кога примија два погодока па на одмор се замина со резултат 13:16 во полза на хрватскиот тим.
Во продолжението ППД Загреб ја одржуваше предноста меѓу три и шест голови до 10 минути пред крајот при резултат 24:18. Тогаш тренерот на Вардар, Стевчо Алишевски реши да оди на „сѐ или ништо“ и во нападот започна да игра со седум играчи во поле што се покажа како вистинско решение зашто неговите ракометари направија серија од 5:0 и потполно од изгубен меч се вратија во игра.
На 90 секунди до крајот се случи драмата: Хрстиќ успеа да ја провре топката под Борко Ристовски за водство на Загреб од 26:24, но во последната минута прво Иван Чупиќ намали на 25:26, а потоа откако Ристовски го запре обидот на Матановиќ, Ловро Јотиќ на три секунди до крајот успеа да израмни на 26:26.
Македонскиот репрезентативен голма Ристовски брилјираше и при изведувањето на седмерците и ги одбрани ударите на Матановиќ и Вистроп, додека сите „вардарци“ беа прецизни за конечни 30:29
Вардар во деветто издание на СЕХА лигата по осми пат ќе игра за титулата во регионалната ракометна лига, а пет пати беше победник, во 2012, 2014, 2017, 2018 и 2019 година. Единствен пат скопскиот тим не играше во завршницата во 2015 година.
За Веспрем, пак, ова ќе биде четвртиот настап во финалето на СЕХА лигата, а титулата ја освојуваше во 2015 и 2016 година, додека во 2017 година беше поразен токму од Вардар.
Финалето ќе се одигра во недела со почеток од 20,30 часот.