Ирскиот премиер Лео Варадкар на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин, македонскиот премиер Димитар Ковачевски рече дека е чест да се биде првиот ирски премиер кој доаѓа во официјална посета на земјава.
– Мојата денешна посета на Македонија и претходно на Косово и на Црна Гора ја покажува заинтересираноста на Ирска да му помогне на регионот на патот кон ЕУ интеграција. Сметам дека приклучувањето во ЕУ е важно за регионалната безбедност на Балканот, но и за пошироката безбедност на Европа. Луѓето од регионот ќе имаат придобивки од членството во ЕУ како што имаше и Ирска. Секогаш го поддржуваме проширувањето на ЕУ и се радуваме да ја пречекаме Македонија како идна членка. Се надевам дека напредокот во пристапните преговори ќе забрза, бидејќи 10 години ни една земја не се приклучила кон ЕУ и сметам дека тоа треба да се промени. Подготвени сме да помогнеме онаму каде што можеме, особено во врска со реформите – рече Варадкар.
Тој нагласи дека има мошне топли билатерални односи меѓу двете земји и додаде дека има потреба од унапредување во делот на трговијата која беше само 20 милиони евра во минатата година.
– Мислам дека можеме да ја зголемиме трговијата, но и да воспоставиме и образовни и туристички врски – рече Варадкар.