Ванковска: Се соочуваме со непринципиелни сопки, бараме еднаква можност

by Fokus

Билјана Ванковска – кандидатката на Левица за претседател на државата на денешната прес-конференција укажа на недоследности во постапката за собирањето потписи и побара еднаква можност за сите кандидати.

– Ние уште вчера апелиравме дека во неколку подрачни единции на Државната изборна комисија (ДИК) во разни локални средини пристапот до канцелариите е отежнат особено за лица со инвалидитет, повозрасни и слично, таква е ситуацијата во Штип. Ние подготвивме барање, приговор до ДИК кој веднаш ќе го поднесеме. Таква е слична ситуацијата дури и во општината Карпош каде по еден така нагортен пат по едни скалички треба да се искачат граѓаните, прво тешко е да се најде локацијата, но кога ќе се најде има скали кои се тешки за граѓаните кои имаат проблем, добив инфорамација дека токму во Карпош во подрачната единица снемало струја и сега ние треба да веруваме дека тоа е случајно – изјави Ванковска.

Рече дека од утрово не работела нејзината официјална веб–страна.

– Нашата извонредна веб–страница располага со сите податоци, интерактивна е, но таа од утрово не работи, едната верзија би била дека има многу интерес за Ванковска, па сите кликаат, камо среќа да е така, но другата верзија вели дека ботови веќе почнале намерно да кликаат за да ја оневозможат. Ние сме решени да одиме и по потешкиот пат, тука сметаме на вашата помош во смисла на пренесување на овие сопки кои сметаме дека се непринципиелни затоа што ние се уште не сме никаква закана, а ако некој веќе ме чувствува како закана треба да се запраша јавноста зошто е тоа така – рече Ванковска.

Поврзани новости