Професорката Билјана Ванковска и претседателски кандидат на Левица во Фејсбук статус истакнува дека има разочарани млади луѓе кои мислат дека кога политичарите говорат за прашањата за Преспа и другите договори, тоа е само губење време и одвлекување на вниманието од реалните проблеми на земјата, сиромаштијата, невработеноста, корупцијата и сл..
„Точно е! Мнозинството граѓани едвај врзуваат крај со крај, очајни се од непостоење здравствен или образовен систем, сакаат развој а не вртење кон минатото.
Она што овие млади (а инаку умни) луѓе уште не го научиле е дека геополитиката (која ни ја наметнаа) е тесно поврзана со геоекономијата. Би очекувала својот критички ум да го свртат кон, на пример, поврзаноста на нашата колонијална положба со Преспа и Митилинеос. Или дури и со Бехтел и Енка… и уште многу ситни и не толку ситни зделки на македонските компрадорски елити кои нѐ продадоа како на сточен пазар, ни ги одзедоа и идентитетот и достоинството, ама и ги наполнија своите џебови врз база на бајките за ЕУ интеграција со смена на името и уставот.
It’s all about geopolitics, stupid!“, пишува Ванковска.
Според неа, Преспа и Бугарскиот договор не се само национални, идентитетски прашања, туку и класни и социоекономски. Ние, додава таа, сме во класично ропство, а принудени да аплаудираме на колонизаторите кои не се тука за наше добро, туку за свои интереси.