Настапувам со оригинална платформа која ја нема ниту еден кандидат, барем не сите прашања на едно место, рече претседателскиот кандидат на Левица Билјана Ванковска која денеска имаше средби со прилепчани во центарот на градот.
Ванковска се залага за нов устав, поништување на Договорот со Бугарија, ревидирање на Преспанскиот договор, излегување од НАТО и водење надворешна мултивекторска политика каде главно ќе биде економскиот интерес на Македонија.
-Не настапуваме со прашање дали Бугарите ќе бидат во Уставот, туку настапуваме со сосема нов устав, бидејќи овој продуцира нефункционилен политички и уставно-правен систем. Во план ни е раскинување на Договорот со Бугарија, а Преспанскиот договор, исто така, ќе биде предмет на преобмислување, односно на оспорување во периодот што следува.
Во петгодишен период ќе се случуваат многу болни и сериозни прашања. Она што мене ме дефинира како кандидат е постапката за излегување од НАТО, зашто, според мојата проценка, и како професор, и како човек во политичка функција, светот влегува во нова фаза на редефинирање на меѓународните односи, меѓународната безбедност и мислам дека на Македонијa и, никако, ниту нашиот буџет, ниту нашите деца се за туѓи боишта – рече Ванковска.