„Честитки за првата жена претседател на Републиката! – порача предмалку на социјалните мрежи професорката Билјана Ванковска, која беше кандидат за претседател.
„Ја знам онаа изрека на Маргарет Тачер (за жените кои можеле сѐ да завршат подобро од мажите), но искрено се надевам дека таа нема да ја следи идеологијата на тачеризмот и неолиберализмот. Нека биде повеќе како Индира Ганди или уште подобро – Сирма Војвода! – порача Ванковска до својата колешка, професорката Гордана Силјановска Давкова.
„Не треба да ги дочекаме сите резултати“, додава Ванковска, за да заклучиме дека СДС и ДУИ заминуваат во музејот на политичката историја.
„Апсолутен победник ќе биде ДПМНЕ. И не знам колку тука има основа за еуфорија (освен внатрепартиската која се подразбира). Правда ќе видиме ли? За сиот политички и друг криминал што го сторија другиве? Во политички чуда преку ноќ не верувам, ниту во тоа дека волкот кој ќе го смени крзното ќе има подобра нарав. Земјата ни се наоѓа во бездна, а за спасители веќе се нудат (покрај Калето) уште оној мачкарот (ќе ја средел со Бугарите) и новиот ЕУ-грчки амбасадор кој ќе се грижи за Преспа. Бехтел и Енка џигерот ќе ни го изедат, а сигурно неоколонијалниот однос нема да запре. Единствена надеж ми е дека ќе имаме доволен број пратеници од Левица кои ќе умеат да кренат `рачна` секогаш кога овие ќе забегуваат. Само толку сакам за почеток. А маратонот ќе биде долг и мачен. Долговите и штетата направени од овие неранимајковци ќе ги плаќаат нашите внуци. Простете што сум расипувач на забави ама место за еуфорија не гледам“ пишува Билјана Ванковска.