Највидлива разлика што сум ја забележал во оваа земја е климата на стравот. Со кого и да разговараш, каде и да отидеш, луѓето се уплашени. Не сум видел такво нешто претходно во ниту една од другите земји од регионот, вели белгискиот посредник Питер Ванхауте, во интервју за порталот Слободна Македонија.
– Причината за ова, очевидно, е тоа што една партија успеала да ја зароби државата, претпочитајќи авторитарен начин на владеење. Тие контролираат се – секој ќош во општеството е контролиран од нив. Тоа е она што го нарекуваме авторитарен режим. Тоа, според мене, е најголемата разлика во споредба со која и да е друга земја од регионот. И тоа е многу, многу лошо – вели Ванхауте.
Тој истакнува дека земјава во овој момент не е спремна за никакви избори.
Слободна Македонија: Директната политичка вмешаност во изборните манипулации од 2014 година не е адресирана ниту на судско, ниту на политичко ниво. Бројните обелоденети нерегуларности од претходните избори сеуште не се адресирани од новиот состав на Државната изборна комисија. Дали сме спремни за предвремени избори, без да ги надминеме сериозните манипулации и нерегуларности од претходните избори?
Питер Ванхауте: Секако дека не сте спремни за никакви избори во овој момент. Поради конфликтната ситуација што ја перципираме денес, согледувајќи ја огромната измама од претходните неколку години до денешен ден, како и неверојатниот притисок со кој се соочуваат луѓето кои работат во јавната администрација, неверојатниот притисок што го гледаме врз луѓето што работат во образовниот систем. Ова е неприфатливо. Такво нешто не сум видел во ниту една земја од регионот претходно, ниту на било кое друго место. Нема таков преседан. Како резултат на ова, мојот заклучок е дека оваа земја не е подготвена за избори. Нормално е, во една конфликтна ситуација, прво да ги решите проблемите, реалните проблеми, а потоа да се договарате за тоа кога да се организираат избори. Овде се прави сосем обратното. Од сите препораки во Ургентните реформски приоритети и извештајот на Прибе, досега не е постигнато ништо. Има нула постигнувања! И да се оди така на избори е шега. Не треба да го правите тоа.