Вангеловски: СЈО не може да презема предмети кога ќе му текне, а само за да земаат „дебели“ плати!

by fokus

Јово Вангеловски, претседателот на Врховниот суд, вели дека судот имал надлежност да расправа по иницијативата за СЈО, поднесена од двајца адвокати, поради што и на денешната општа седница било донесено начелно правно мислење. Според ова мислење, СЈО, по истекот на 18 месеци од превземањето на бомбите, немаат право да поднесуваат обвиненија и да превземаат предмети од редовното обвинителство.

-Тие што начелното правно мислење го оценуваат како скандалозно нека прочитат малку, и ќе видат дека надлежноста ја црпеме од Закон за изменување и дополнување на Законот за судовите, член 6, донесен во 2018 година, вели Вангеловски за Фокус.

Тој појаснува дека овие предмети не пропаѓаат, бидејќи ќе се вратат во редовното обвинителство, потенцирајќи дека ова важи за предметите за кои нема обвинение, додека за оние за кои веќе е поднесено обвинение ќе продложи надлежно да биде СЈО.

– Не може да земаат предмет по предмет, па да очекуваат да им течат нови 18 месеци, и тоа само за да продолжат да земаат плата од 3.000 евра, коментира Вангеловски.

За тоа дали мислењето е обврзувачко за сите судии, тој појаснува дека за првостепените и второстепените не е обврзувачко, туку само за советите во Врховниот суд.

-Сепак судиите во прв и втор степен ќе имаат право да мислат со своја глава и да одлучат дали ќе го почитуваат мислењето, вели Вангеловски.

Ова значи дека СЈО може да продолжи да ги застапува овие предмети, но тие би паднале кога ќе дојдат пред  Врховниот суд.

Валентина Вурмо

Поврзани новости