Вангеловски појасни зошто не дозволува во свечената сала да се суди „Титаник“: Оштетен е теписонот и седиштата!

by fokus

Јово Вангеловски, претседателот на Врховниот суд, не дозволува судењето за случајот „Титаник“ на СЈО да се оддржува во свечената сала на Врховниот суд, бидејќи се оштетувал инветарот, а потоа трошоците паѓале на товар на судот.

Оваа образложение ни го даде Вангеловски, по информацијата дека негативно одговорил на барањето на претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, на Никола Груевски и на останатите дваесет обвинети од поранешниот врв на ВМРО-ДПМНЕ да им се суди во свечената сала, бидејќи во Кривичниот суд нема судица кој би ги собрала сите обвинети, адвокати и новинари.

-Како што напишавте во вашето прашање, се работи за свечена сала на Врховниот суд, а не за судница на Основниот суд Скопје 1. Како таква, таа сала се одржува, а со судењата кои се одржуваат во неа се оштети и потребно е генерално чистење, како и замена на оштетениот теписон и седиштата кое е на терет на Врховниот суд, изјави Вангеловски за Фокус.

Тој додаде дека салата се подготвува за свечени настани кои ќе се оддржат во март и април и нема да се употребува како судница во иднина, освен за судењата пред Врховниот суд.

Во изминатите години во оваа судница се судеа предмети во надлежност на Кривичниот суд, како „Монструм“, „Диво насеље“ и уште многу други.

Поради оваа ситуација, неизвесно е каде ќе се одржи рочиштето за „Титаник“ кое е закажано за 2 април. Овој предмет е еден од најголемите кој го сработи СЈО, а обвинетите се теретат за изборен криминал од 2011 до 2014 година.

Соодветни услови за судење има во новата барокна зграда во која треба да се пресели Кривичниот суд, но неизвесно е дали преселбата ќе се изврши до закажаниот датум, на 31 март.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости