Пишува: Огнен Вангелов
моментално на докторски студии на Квинс универзитетот во Канада
Ги следам дискусиите за Фатиме Фетаи и по голем дел од коментарите ми се чини дека треба да помине барем уште еден век за да стигнеме до ниво на просечна европска земја со колку-толку образована и информирана средна класа.
Злобните коментари на Героски не заслужуваат некое големо внимание, а ниту пак оние на Ристова-Астеруд (ако успее некој да ги разбере нејзините чаршаф-текстови без интерпункција, кохерентна мисла или елементарна логичка организација).
Поинтересни ми се квалификациите за Фетаи дека била медиокритет, а тоа се гледало од нејзиното “афектирање, глума, холивудско изразување и говор, вешта невербална комуникација…” За мене барем е јасно дека сите овие карактеристики говорат за некој што има натпросечни способности, а не просечни. Оттука, контрадикторно е тврдењето дека е медиокритет. Или пак дека е медиокритет во однос на нејзината професионална подготовка, знаење, доквалификации и слично, без притоа да се има елементарен аргумент илу увид во нејзината биографија и професионален развој. Од прес конференции таков увид не може да се добие. Инаку за мене голема иронија е една прилично елоквентна личност да биде прогласена за медиокритет во средина како Македонија, во средина во која претседателот на државата не може да каже една просто-проширена реченица, а притоа да има и логички след. Средина во која функционерите кои имаат елементарни вербални способности можат да се избројат на прсти… Средина во која најголем број од високообразованите Македонци не знаат да зборуваат стандарден македонски, а Албанката што е пообразована и поелоквентна на тој јазик е медиокритет. Таквата држава во која средината не може да ги препознае луѓето што можат да ја поведат напред, нема изглед за успех.