Поранешниот претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата Ване Цветанов, од неодамна започна јавно да ги искажува своите ставови по повод македонско – бугарските односи кои се актуелни периодов, но и јавно да зборува за неговите бугарски национални чувства.
Како личност која долги години беше дел од политичката сцена во земјава, со објавите дека Македонците и Бугарите се ист народ, но и дека имало многу манипулации на темава, Цветанов повторно се најде во центарот на вниманието.
Во коментари, дел од јавноста го прашуваше дали се разбудил како Бугарин, со цел да се обиде да избегне одговорност, бидејќи се товари дека вршел незаконски јавни набавки и ја ангажирал поранешната невенчаната сопруга Дунавка Трифуновска и со државни пари оделе на заеднички службени патувања, односно за злоупотреба на службана положба и овластување, со што го оштетил државниот буџет за 75.000 евра.
Неретки се и коментарите дека најлесен начин да се избегне одговорност за сторено дело, е да се декларираш како Бугарин, и да обвинуваш дека си мета на омраза поради националност, алудирајќи на случајот со Христијан Пендиков.
Сепак, како што појаснува Цветанов за ,,Фокус”, додека бил млад, не ги познавал доволно фактите. Кога започнал да студира во Бугарија во 1997 година, започнал да чита многу книги и да ја запознава историјата.
-Фактот дека граѓаните кои што се чувствуваат како етнички Македонци а живеат во Република Северна Македонија и мнозинството граѓани кои што живеат во Република Бугарија дека се најблиски и братски народи никој не може да го сокрие.
Омразата против Бугарија е градена и гаена во две етапи. Првата етапа е за време на српската окупација помеѓу двете светски војни, период во кој се имаат случено огромен број на ѕверства против македонците кои не ја мразеле Бугарија, а втората фаза е за време на комунизмот.
И јас како млад човек пред неколку децении бев отруен од таа отровна пропаганда, мрази се што е бугарско, од далеку, без да ги познавам фактите. Таквото мразење базирано на слушната пропаганда се претвори во мој срам кога започнав со школување во Софија.
Сега во Македонија има натпревар продуциран од руската пропаганда во позадина, а тоа е истакнатото мразење на Бугарија и се што е бугарско, омраза базирана на лаги – вели поранешниот претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата.
Додава дека до минатата година се декларирал како Македонец, бидејќи како политичар сакал да се солидализира со граѓаните кои излегувале на избори и се чувствувале како Македонци.
Но, повеќе не планирал да премолчува и јавно ги поддржувал ставовите на Бугарија.
-Јас лично во 1997-ма започнав со школување во Бугарија, па лека полека ја запознавав културата, начинот на живот во Бугарија, како и другата страна на историјата преку читање на бројни книги.
До минатата година се декларирав за Македонец од причини што се бавев со политика и беше редно да се солидаризирам со мнозинството граѓани кои гласаат на избори, а се чувствуваат како Македонци.
Она кое што ме натера јавно да почнам да говорам за моите национални чувства кои со тек на времето станаа бугарски, е отровот и омразата кои што се генерираат од страна на определени политичари кон Бугарија-раскажува Цветанов.
Се осврна и кон гостувањето на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски на бугарската национална телевизија, каде тој отворено зборуваше за бугарскиот окупатор и историјата, и порача дека неговото однесување било лицемерно.
-Не е во ред да се навредува, омаловажува и мрази се што е бугарско од една страна, а да се оди на поклонување на Зебрењак од истите тие „Македонци“.
Лицемерно е Максим Димитриевски на протести или на јавни настапи да плука и од уста да не ја вади фразата бугарски фашистички окупатор, а од друга страна да се поклонува на Зебрењак на српскиот окупатор и српските колонизаторски власти.
Тоа е мизерно и лицемерно. Со децении премолчував, само заради солидаризирање со поголемиот број на граѓани. Зошто токму сега почнав јавно да ги поддржувам ставовите на Бугарија, но и јавно да говорам за моите национални чувства е фактот дека ни се случува трета антибугарска ера.
После периодите прва српска окупација од времето помеѓу двете светски војни, втора српска или антибугарска комунистичка окупација за време на Југославија, сега се случува трета антибугарска пропагандна окупација, која што за жал е многу масовна.
Антибугарската политика од страна на двете најголеми политички партии ме испровоцира да почнам гласно да говорам за вистината, бидејки фактите говорат нешто сосема спротивно од антибугарската пропаганда која што цвета во моментов – вели Цветанов.
Според него, во Македонија било најлесно да се добијат политички поени на сметка на плукање на се што е бугарско, и се заборавало на заедничката историја помеѓу двата народи.
-Најлесни политички поени во Македонија во овој период се добиваат на омраза и плукање на се што е бугарско, заборавајќи го фактот дека тоа е нашиот братски народ со кој што имаме заедничка историја.
Колку повеќе расте омразата кон Бугарија, така расте и мојата лутина за таа омраза, па од таму се почесто пишувам за вистината која е редно да ја дознаат тие што работат на разделба и подвоеност помеѓу двата братски народи- тврди тој.
Околу тоа дека по јавното искажување на своите ставови започнал да добива голем број на закани преку социјалните мрежи, се огласи и основачот на Фондација Македонија, Бугаринот Виктор Стојанов, кој објави дека самото тоа што Цветанов кажал дека се чувствува како Бугарин, било доволна причина да стане мета на навреди и закани.
-Да, добивам закани преку Фејсбук од страна на лажни профили. Тоа нема да ме спречи се повеќе да ја говорам вистината- ни изјави Цветанов.
Вики Клинчарова