Откако Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Ване Цветанов, под сомневање дека како ВД претседател на тело основано од Владата на РСМ, во периодот од 2021 до 15.03.2022 година сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување”, и на штета на Буџетот прибавил имотна корист од 75.722 евра, тој јавно се огласи преку „Фокус” со свој став околу настаните.
Според Цветанов, се работи за висока корупција, а сите детали ќе ги обелоденел на суд.
-Високата корупција ги блокира процесите на нејзино разбивање! Ревизорскиот систем е удавен во Висока корупција. Многу силно лоби од Овластени ревизори, заедно со Членови на Советот за унапредување и надзор на ревизијата ја држат контролата на ревизорските извештаи, спротивно на директивата од ЕУ.
Државата нема никаков увид во ревизиите на Банки, Осигурителни компании, најголемите АД, говориме за 1.300 правни субјекти. Државата е заробена од тоа ревизорско лоби кое не дозволува контрола од Државата…
Ги кочат и ЕУ процесите со тоа блокирање. Кога започнав да работам на европеизирање на институцијата, бев саботиран во работата од Членовите на Совет и од вработените во институцијата. На пример една година бев без сметководител, а во врска со надминување на лимити на договорите не ме информираа вработените кои се под влијание на ревизорското лоби. Сите патувања беа направени во интерес на институцијата и на Суд ќе ги обелоденам фактите.
Преку овој случај треба да се гледа големата слика, кој и зошто спречи контрола на ревизорски извештаи за стотици милиони евра, преку саботажа на мојата работа. 1. Банкротираше банка, но никој не постави прашање дали ризиците од банкрот се нотирани во ревизорските извештаи! 2. Новиот Закон за ревизија сеуште не е донесен, а со тоа се крши европската директива. Доцни 6 години, 6 години Владата ја лаже ЕУ! Јас сум подготвен за судење, цело лето сум дома и чекам да бидам повикан на распит.
На Суд ќе извадам доста аргументи кои ќе разголат мнооогу висока корупција. Факт е дека немам земено денар од институцијата. Сите пари се потрошени за интерес на државата и институцијата. Се што е платено е набавено.
Штетата ја правеше ја прави и ќе ја прави антиевропското лоби од определени Овластени ревизори, заедно со корумпирани вработени во определени институции. Ова е она што можам да го кажам засега, а сите детали ќе бидат обелоденети во Судска постапка- реагира Цветанов.
Во март годинава тој беше разрешен од функцијата претседател на Совет за унапредување и надзор на ревизијата, на која беше три години.
Тогаш беше откриено дека неговата сопруга, поранешниот модел Дунавка Трифуновска ја водел со себе на службени патувања и ја ангажирал да му помага во институцијата со која раководи. Набргу потоа, Цветанов јавно изјави дека Дунавка не зела ниту денар и му помагала бидејќи гледала дека тој има премногу работа.
Вики Клинчарова