По околу десет месеци поминати во Германија како азилант, Ване Цветанов се враќа во Македонија. Поранешниот претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на својот официјален профил на Фејсбук објави заедничка фотографија со неговата сестра и зет, и им се заблагодари на поддршката која му ја пружиле за време на неговото азилантско патешествие во Германија.
-Благодарение на измените на Кривичниот законик, опасноста од притвори повеќе не постои, па за еден месец се враќам во Македонија – објави Цветанов.
Како потсетување, тој се товареше дека дека вршел незаконски јавни набавки и ја ангажирал поранешната невенчаната сопруга Дунавка Трифуновска и со државни пари оделе на заеднички службени патувања, односно за злоупотреба на службена положба и овластување, со што го оштетил државниот буџет за 75.000 евра.
Откако кон крајот на минатата година се прошири веста дека тој побегнал од земјава, ексклузивно за ,,Фокус“ тогаш раскажа дека заминал во европска земја на 18-ти ноември, поради тоа што сфатил дека ќе биде осуден на затворска казна од над осум години.
-Започнав пoстапка за азил. Заминав поради тоа што МВР го имаат измонтирано многу јако предметот за мене, и целта им беше да бидам осуден на повеќе од 8 години. Од Македонија си заминав најнормално на 18-ти ноември лани, со пасош, нема место за приказни за бегање во гепек. Не планирам да се враќам назад никогаш, бидејќи омрзнат сум и непријатен сведок за најголемите политички партии-истакна тогаш Цветанов.
Исто така, раскажа дека поминал неколку кампови за азиланти, и бил сместен во зграда со околу 30 семејства, кои користеле заедничка кујна и тоалети. Потенцираше дека не започнува од нула, туку од минус нула, и дека Македонија е земја каде се ќе ти простат освен успехот.
Измените во Кривичниот законик, според кои Цветанов веќе бил слободен човек на кого не му се заканува затворска казна, а со кои се намалува предвидената затворска казна за злоупотреба на службената положба, пратениците ги донесоа во еден ден.
Овие измени значат намалување на затворски казни за злоупотреба на службена положба за лична корист, можност за порано да застарат дела, бришење на членови кои предвидуваат казни за злоупотреба на јавни набавки, оштетување на Буџетот, а пониски казни се предлагаат и за делото злосторничко здружување.
Поради измените, се уште се актуелни јавните реакции, дека ова е спротивно на залагањата за борбата против корупцијата.
Вики Клинчарова