Поранешниот претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата Ване Цветанов, против кого лани во ноември Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава за злоупотреба на службана положба и овластување, со што го оштетил државниот буџет за 75.000 евра, повторно се најде во центарот на вниманието.
Имено, тој се товари дека вршел незаконски јавни набавки и ја ангажирал невенчаната сопруга Дунавка Трифуновска и со државни пари оделе на заеднички службени патувања, а денес откако на својот социјален профил објави фотографија со непозната жена, во голем број на медиуми се објави вест дека тој се разделил со фармацевтот и поранешен модел Дунавка, и запловил во нова љубовна врска.
Но, како што Цветанов појаснува за ,,Фокус” единствена вистина во објавените текстови е дека со Дунавка се разделиле, но и не и дека веќе има нова партнерка. Околу причините за разделбата со Трифуновска, со која беа доста интересен пар за јавноста и редовно се објавуваа новинарски приказни за нив, раскажува дека се појавиле поради притисоците кои ги имал на работа.
-Со Дунавка не се скаравме, едноставно ни се разделија патиштата. За жал големите проблеми и притисоци што ги имав на работа, длабоко се рефлектираа на врската. Дунавка се обидуваше да помогне колку може, но за жал привремено победија деструктивните антиевропски сили –вели Цветанов.
Како што изјави за ,,Фокус” лани, набргу по поднесувањето на кривичната пријава против него, не земал ниту денар, и пред суд ќе ги обелоденел фактите. Кажа дека пред суд ќе извади доста аргументи кои ќе разголеле висока корупција, а сите пари биле потрошени за интерес на државата и институцијата.
Откри дека Дунавка ја водел со себе на службени патувања и ја ангажирал да му помага во институцијата со која раководи, а таа му помагала бидејќи гледала дека тој има премногу работа.
-По наредба на Ковачевски бев разрешен и станав предмет на монтиран кривичен прогон, пакување по нарачка. Сега сум преокупиран со личните проблеми кои што ми ги предизвикаа Ковачевски и Оливер Спасовски – тврди поранешниот претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата. За објавената фотографија со непозната жена, вели дека не е негова партнерка, а медиумите избрзале со објава на непроверена вест.
-Жената со која што објавив слика е моја соработничка во еден проект, а бебето е на нејзина пријателка… Никаде не напишав девојка… Сам сум во овој период од животот и фокусот ми е кај моите деца – ни изјави Цветанов.
Вики Клинчарова